Компанијата ByteDance која е сопственик на ТикТок, одлучи целосно да ја исклучи апликацијата.
Сопственикот на социјалната мрежа ТикТок има намера да ја исклучи апликацијата за корисниците во САД од недела, 19 јануари, кога треба да стапи во сила нејзината забрана, освен ако Врховниот суд не ја блокира, велат добро упатени извори.
Таквиот исход претставува подрастичен потег од она што го бара законот, кој американскиот претседател Џозеф Бајден го потпиша минатиот април, пренесе Ројтерс.
Овој закон првично предвидуваше само забрана за нови преземања на апликацијата од App Store и Google Play продавниците, додека постоечките корисници можеа да продолжат да ја користат некое време.
ByteDance, компанијата сопственик на ТикТок, одлучи целосно да ја исклучи апликацијата и планира да ги пренасочи сите корисници на посебна страница на денот на нејзиното затворање каде што ќе можат да ги преземат своите податоци.
Според планот на ТикТок, луѓето кои ќе се обидат да ја отворат апликацијата ќе видат порака која ги упатува на веб-локација со информации за забраната, велат изворите.
Врховниот суд на Соединетите Американски Држави започна со разгледување аргументи во врска со законитоста на одлуката да се забрани платформата ТикТок или да се наметне забрана за нејзина продажба во САД до 19 јануари.
Министерството за правда тврди дека ТикТок е сериозна закана за националната безбедност на САД поради ризикот Кина да ги користи овие податоци за шпионажа, уцена или манипулација со содржината што корисниците ја гледаат на апликацијата.