Васко, Стоје и Метотка се тројцата херои на Дирекцијата за заштита и спасување. Тие се пилотите што ги возат авионите „ер трактори“ и секојдневно фрлаат тони вода врз пламените јазици, кои ја пустошат Македонија.

Откако почнаа пожарите, тие секојдневно се по шест часа во авионите. Велат дека еднаш гасат пожар на еден терен, а во следниот миг добиваат повик да одат на друго место. Глетката на пожарите, од нивна перспектива, велат дека е жална и тажна, но во изминативе 15 години како што ги возат „ер тракторите“, виделе сè и сешто и, како што потенцираат, се навикнале.

При гаснењето, се соочуваат со стресни ситуации, како што беше денешната, која пилотот Васко Михалчев од Битола ја раскажа за читателите на весникот ВЕЧЕР.

– Навистина беше опасна ситуацијата. Полнев вода од Мавровското Езеро за гаснење на пожарот кај Брезница, кај резерватот „Јасен“. Имаше силно северно воздушно струење, па се направи голем ротор. Оние што се занимаваат со воздухопловство, знаат што значи. Тоа го отежнуваше излегувањето на полниот авион од кањонот. Едвај успеав со сите сили, но и искуството што го имам, да го искачам полниот авион со вода. Овие авиони се со слаби мотори, со 1.350 коњски сили. Кога ги купија пред 15 години, требаше да ги заменат со појаки од 1.600 коњски сили, но не се направи тоа – ни рече Васко, кој, како и Стоје Арсовски, е пензиониран пилот.

Но, на повик од Дирекцијата за заштита и спасување, сезонски се ангажирани, заедно со пилотот Метотка Стојанов од Штип (единствениот редовно вработен пилот во ДЗС), да ги управуваат двата „ер трактора“. Се очекува утре да биде ставен во функција и третиот авион за гаснење пожари.

Васко Михалчев

Васко вели дека тројцата даваат сè од себе, гледаат да стигнат каде што може да се помогне, но е фрустриран што не може многу да се направи.

Стоје е маџирмаалец, иако пензионер и, како и Васко, се одзвал на повикот од ДЗС. Двајцата потпишале тримесечни договори за ангажман, до почетокот на октомври 2024 година. И тој работел 15 години во ДСЗ, а претходно, од 1975 година, летал во авиоклубови.

– На почетокот, во ДЗС бевме повеќемина пилоти, потоа се намалуваше бројот, некои си заминаа, а некои се пензионираа. Остана само еден. Кога нè повика директорот на ДЗС за да нè ангажира мене и Васко, му реков зошто се мачат со нас, двајца пензионери. Нека распишат меѓународен конкурс за пилоти, но директорот ни рече дека нема пари за тоа. На меѓународниот пазар, еден пилот „чини“ 20.000 евра. На пример, Грција толку ги плаќа пилотите што ги ангажираше од странство, за гаснење на пожарите. Тоа е цената – ни рече Стоје.

Стоје Арсовски

Директорот на ДЗС, Беким Максути, деновиве изјави дека ќе побара од Владата да му одобри пилотите што ќе бидат ангажирани за гаснење на пожарите, да добијат надоместок од околу 5 илјади евра, колку што, впрочем, прима плата пилотот на владиниот авион. Стоје вели дека нивната плата е помала од онаа што ја кажува Максути.

Метотка Стојанов

Тој се чувствува многу тажно кога одгоре гледа како пламените јазици пеплосуваат сè што ќе им се најде на патот. Вели дека жална била сликата со изгорените куќи и штали во селото Пепелиште.

Двајцата сметаат дека мора што поскоро да се обучат и да се примат во редовен работен однос други пилоти и технички кадар.

– Ако не направат конкурс со драстично изменети услови, ова одделение во ДЗС ќе пропадне. Ова подеднакво важи и за техничкиот кадар, бидејќи е потребен за поправка на авионите – вели Васко.

(С.Бл.)