Ти си синот македонски! Гламурозно заврши, Фестивалот на македонската патриотска песна „Гоце-фест 2025“

134

Едноставно кажано да се наежиш! Присутните во преполната сала на Домот на АРМ, во еден момент се кренаа на нозе, па имавме некое неописливо чудно пријатно чувство. Измешано со патриотските скандирања: „Македонијо, Гоце, Гоце Делчев, Македонијо, те сакаме Македонијо, убавицо наша“!!!

Македонскиот музичко-патриотски фестивал „Гоце фест 2025“, расадник на нови родољубиви песни, го доживеа своето 35. гламурозно издание. Се одржа вчеравечер пред преполна сала на Домот на АРМ. Нема да претераме ако кажеме дека луѓето се туркаа еден до друг од самиот влез на салата, одвај чекајќи го почетокот на оваа вечер (само една), за да уживаат во песните кои го величат и слават македонскиот револуционер Гоце Делчев, како и неговите другари и борци од тоа време, кои ги дадоа своите животи за слободна, независна Македонија.

Токму тоа е смислата на Фестивалот кој 35 години успешно го води и реализира директорот Пеце Здравковски. Тој и овој март направи успешна музичка приказна која долго ќе се слуша. На свечено украсената сцена, исполнета со огромни букети цвеќиња, настапија голем број познати македонски пејачки имиња (главно од народната музика): Ванчо Тарабунов, Јулија, Круме Спасовски, Серафина Фантаузо, Групата Фантастик-бенд, Ани Малинкова, Лилјана Прнаркова, групата Соната, Петар Нечоски… и многу други. Нивните изведби на патриотските песни беа исполнети со многу патриотска љубов кон татковината Македонија.

Имаше убави нови песни, вкупно 21, со различен жанр. Од баладите, преку брзите поп-фолк ритмови, па сè до динамични македонски ора. Присутните во еден момент се кренаа на нозе, па имавме некое неописливо чудно пријатно чувство измешано со патриотските скандирања: „Македонијо, Гоце, Гоце Делчев, Македонијо, те сакаме Македонијо, убавицо наша“… Едноставно кажано, да се наежиш!

Фестивалската програма ја отвори верната другарка на оваа манифестација, оперската (но и фолк) пејачка Серафина Фантаузо, која маестрално ја испеа патриотската „Ти си синот Македонски“ и истиот миг на публиката ѝ  предизвика бура од емоции. Така остана и до крај, до последната песна.

По тој официјалниот дел, по завршувањето на сите интерпретации, стручното жирито и публиката ги прогласија најдобрите. Немаа ни најмалку лесна задача.                Најдобриот на овогодишното фестивалско издание според гласовите на публиката е Ванчо Тарабунов. Тој навистина имаше многу необична, но преубава мелодија, малку налик на виенските валцери, но сепак со македонското во песната.

Некои симпатично се шегуваа дека со нотите и стиховите на песната „На многаја лета“ ќе можеме и со задоволство да танцуваме на брегот на убавото сино Охридско Езеро, гордо пеејќи за Македонија. Втората награда му припадна на охриѓанецот Петар Нечоски, кој заедно со (нашиот иселеник) Патрик Николов ја испеа „Деца бевме, пораснавме“. Третото место го освои Дарко Стојаноски со песната „Доста веќе е, мој народе“.

Што се однесува до наградените од страната на стручното жири, нивниот музички вкус се разликуваше од вкусот на публиката. Па,така првата награда му припадна на Горан Тодоровски и песната „Гоце и војводите од Мрвашко“. Втори се „Фантастик бенд“ со „Говрлево“, додека третото место го поделија, распеаната и во црвено облечената Јулија, согласно со бојата на фестивалот, пеејќи ја „Само љубов,мир и песна“, како и Василија Петрова со „Оро македонско“.

На фестивалот, покрај овие најглавните награди, се поделија и некои други кои исто така имаат свое значење и своја цел. Наградата „Никола Бадев“ за најдобрата интерпретација ја добија Катерина Брезева со групата „Соната“ за песната „Момче Македонче“, како и новонадежниот и многу талентираниот пејач Методија Столески за песната „Руво Зетовски“.

Наградата „Јонче Христовски“ за највпечатлив сценски настап заврши во рацете на многу симпатичниот Кирил Чокузовски, кој на оригинален начин ја испеа „Македонијо“.

И, ете така со „Македонијо“ и за Македонија, по 4-часовното пеење згаснаа рефлекторите на ова издание на „Гоце-фест“. Убавата водителка, убаво облечена во долг бел светкав фустан, посака и идното 36. издание да се случи по традиција повторно на истото место. И со истите драги луѓе, страсни вљубеници во македонската родољубива песна.

Дуле МИЌИЌ/текст и фото/

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ