Македонскиот репрезентативец Ти-Џеј Шортс имаше уште една импресивна партија во Евролигата, но не можеше сам да му се спротивстави на Фенербахче, во поразот на неговиот Париз од 83:87, на заостанатиот натпревар од 17. коло.
Домаќините водеа во поголемиот дел од натпреварот, во еден момент и со плус 14 (32:18), но гостите имаа совршена трета четвртина, која ја добија со 26:15 и успеаја да го преземат водството. Кошаркарите на турскиот тим беа посконцентрирани во завршницата и на крајот дојдоа до важната победа, со која се зацементираа на второто место на табелата.
Ти-Џеј Шортс беше најдобар поединец во таборот на парижани, завршувајќи го мечот со 22 поени, додека на спротивната страна прво име беше Гудуриќ со 16 коша.