Кошаркарските ѕвезди сè почесто се појавуваат на поткасти во последно време, а едно такво појавување имаше и македонскиот репрезентативец Ти-Џеј Шортс. Тој пред неколку дена беше дел од еден српски поткаст, во кој говореше и за тоа како дошло до тоа да настапува за македонската репрезентација како натурализиран кошаркар. За таа негова одлука главна улога одиграл поранешниот наш репрезентативец, кој исто така играше како натурализиран, Лестер Бо Мекејлеб, со кого го освоивме четвртото место на Евробаскетот во Литванија во 2011 година.

  • Првпат кога Кошаркарската федерација на Македонија стапи во контакт со мојот агент беше периодот кога играв за Бон. Тие сакаа да натурализираат некој странски кошаркар. Во тоа време знаев дека Лестер Бо Мекејлеб и Перо Антиќ играле за оваа земја. Токму со Мекејлеб зборував пред да донесам одлука да настапувам за Македонија. Имав чувство дека би било одлично да играм на репрезентативно ниво, бидејќи кога растеш во САД, немаш многу можности да заиграш за репрезентацијата. НБА ѕвездите се толку добри, па затоа немаат потреба да бараат играчи од Европа, така што играњето за Македонија беше единственото репрезентативно искуство за мене. Отсекогаш велам, тоа е повеќе од кошарка, бидејќи играш за гордоста на својата земја. Гледаш колку навивачите се посветени на репрезентацијата, започна Ти-Џеј Шортс.

Еден од најдобрите играчи во Евролига, кој со својот Париз се наоѓа високо на табелата и е пред обезбедување пласман во четвртфиналето во ова натпреварување, исто така се присети и на атмосферата која ја доживеал кога нашата селекција играше против Норвешка во Гевгелија.

  • Се сеќавам кога игравме на домашен терен против Норвешка и натпреварот замина во продолжение. Тоа беше една од најдобрите атмосфери во кои сум играл. Полна сала, луѓето еден врз друг, навиваат за својата држава… И одлично е чувството да се победи на еден таков натпревар, додаде Шортс во поткастот.

Шортс моментно е еден од најдобрите играчи на Париз во Евролигата, а со овој тим минатата година ја освои Лигата на шампиони на ФИБА.

  • Тоа е трофеј кој никогаш нема да го заборавам. Бевме специфичен тим и успеавме да го потврдиме тоа со освојувањето на трофејот. Прво ја победивме Уникаха, која имаше голема поддршка од својата публика, бидејќи завршницата се играше во Шпанија, а потоа славевме и над Хапоел, за прв трофеј во мојата кариера кој сигурно никогаш нема да го заборавам, вели плејмејкерот.

Шортс, покрај Париз, своевремено играше и за германски Бон, каде беше близу до освојување на титулата во домашното првенство, како и за летонски Венспилс.

 

ИЗДВОЕНИ