Завршницата во Купот на Македонија во кошарка стартуваше, а првиот ден го одбележа едно изненадување и три очекувани резултати. Во Гевгелија, најголемото изненадување го приреди тимот на Гостивар, кој беше подобар од ТФТ Скопје со 72:62.
На преостанатите три четвртфинални натпревари немаше некои поголеми изненадувања, па така, Пелистер го совлада жилавиот Чаир 2030 со 76:72, домаќинот Кожув беше подобар од Куманово со 81:69, додека актуелниот бранител на титулата, тимот на МЗТ Скопје го прегази Работнички во градското дерби со 97:63.
Во полифиналните натпревари закажани за денеска, МЗТ Скопје ќе ги одмери силите против Пелистер, додека Кожув ќе го пречека Гостивар.