Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Тетово лани имала вкупно 984 интервенции или речиси по три интервенции секој ден. Според командирот на ТППЕ Тетово, Авни Амети, кој 15 години работи како пожарникар, ова е рекорден број интервенции на оваа служба.
– Ако споредуваме со другите години, оваа година што помина беше со рекордни 984 интервенции, никогаш пред оваа година не памтиме толку интервенции. Освен пожари и сообраќајќи, имаме и интервенции при поплавите што се случија два пати во градов. Оваа година, во текот на јануари, имаме 41 интервенција на пожари во затворени простории – вели Амети.
ТППЕ Тетово покрива шест општини, од кои Тетово и пет рурални општини, што претставува голема територија и население, па и минатата 2024 година се соочиле со недостигот од пожарникари.
– Отворивме станица во Општина Желино, имаме планови да отвориме уште две станици за да ја покриеме целосно територијата, но за бројот на пожарникари се знае, секогаш сум зборувал дека во Тетово, според параметрите, потребни се уште 55. Со тој број и со овие 100 што ги имаме сега, оптимално би можеле да го покриеме регионот од аспект на територија и на население – смета Амети.