Поради високите температури, се намали издашноста на шарските води, поради што во Тетово е активиран водоводниот систем „Лешница“, кој црпи вода од горните текови на реката Пена.

– Со тоа треба да се надомести недостигот на околу 100 литри вода во секунда во водоводниот систем, со цел да не се прават рестрикции – известија од тетовското водоснабдително претпријатие.

Оттаму нагласуваат дека накратко се активирани и неколку бунари, кои се како резерва при вакви случаи, сè со цел да се постигне потребната количина од 450 литри вода во секунда, колку што може да прифати водоводниот систем на Тетово.

Најголем број од висококатниците во Тетово се снабдени со хидрофори за искачување на водата до најгорните катови.

Од претпријатието посочуваат на нерационално трошење на водата што го прават сопственици на дуќани, кои ги мијат тротоарите, а и сервисите за миење автомобили, кои користат вода од градскиот водовод. Системот се оптоварува и од иселениците, кои доаѓаат во градот преку лето.

Зголемена потрошувачка на вода има и во Штип. Од ЈП „Исар“ упатуваат апел до граѓаните рационално да ја користат водата за пиење. Градот се снабдува со вода од хидросистемот „Злетовица“ и од филтер-станицата, која врши хемиски и физичка обработка на водата, која потоа станува питка.

– Апелираме до граѓаните дека во овие денови, кога се високи температурите, првенствено водата да се користи за намената за која служи, односно да не ја користиме за наводнување на земјоделските површини – велат од ЈП „Исар“.

Во најтоплите денови од летото, повисоките населби и згради во Битола имаат вода со намален притисок. Директорот на Јавното претпријатие „Водовод“, Андреј Гинов, вели дека состојбата е последица на зголемената потрошувачка на вода, која достигнала до 550 литри во секунда.

– Поради зголемена потрошувачка, во одреден период од денот доаѓа до празнење на резервоарите, па водата е со намален притисок. Според закон, сите повисоки згради треба да имаат хидрофори за да се нормализира притисокот, ама тие или се надвор од употреба или не се поставени на новите згради – рече Гиновски.

Од „Водовод“ апелираат да не се користи пивката вода за наводнување на поголеми површини, туку рационално да се користи за основните потреби. Покрај редовните теренски проверки и работни активности, ќе вршат и вонредни контроли на водоснабдувањето и ќе интервенираат кај оние корисници што енормно и бесправно ја користат водата за пиење, со цел непрекинато и квалитетно водоснабдување на корисниците.

Неколку потпелистерски села како Братиндол, Нижеполе, Дихово, Цапари, Ротино и други се отсечени од водоснабдувањето. На жителите им било кажано дека 10 дена ќе останат без вода поради сушата. Таму, покрај животински фарми, има и приватни бизниси, потпелистерски ресторани и сали за свадби.