Тетово прави 100 тони смет дневно, во депонијата „Русино“ се носат само 40 тони  

52

Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, вели дека купиштата смет што се создаваат околу контејнерите изминативе неколку недели, се должат на тоа што немало каде да се носи сиот отпад од градот. Според него, надминат е проблемот со депонијата „Русино“, каде што имало ограничување на тоа колкава количина смет може да се остави.

– Во ова време, и транзитниот центар беше преполн, во депонијата „Русино“ имаше една наредба од директорот да не носиме повеќе од 40 тони, а имаме 100 тони на ден. Го имаме решено тоа, депонијата „Русино“ го прифаќа целиот смет што го носиме, така тоа веќе е ставено во нормала. Работиме во ноќните часови за да се расчистат тие мали депонии, една по една, и за да се стави во нормала за јавното претпријатие, односно во моментот приватниот оператор да може да менаџира во делот на чистење на контејнерите. Така, овие 2-3 дена сè ќе биде ставено во нормала. И ако има ситуација да има некој дел што нема да стигнат да го исчистат, ќе бидеме во контакт да интервенираме и тоа да се среди – рече Касами.

Тој очекува со реструктурирање на јавното комунално претпријатие да има повеќе можности да се менаџирање работењето на јавните површини и зеленилото, како што се правеше денес. Реорганизацијата во ЈКП „Тетово“ ќе донесе повеќе можности насочени кон уредување на градот.

– Ќе има посебен акциски план за озеленување, за садење цвеќиња и дрвја. Има ситуации каде што ние садевме цвеќиња и дрвја, но немаше организациска поставеност за нивно одржување. Сега веќе сериозно работиме јавното комунално претпријатие што остана да биде така организирано, не само да сади и озеленува површини туку и луѓето да бидат одговорни во делот на одржувањето – истакна Касами.

За подобрување на состојбата со комуналната хигиена, Касами рече дека ќе се стават 400 нови контејнери низ градот.

– Сите делови на Тетово ќе бидат покриени со нови модерни контејнери и ја користам оваа можност да ги повикам граѓаните да не фрлаат ѓубре каде што не е место. Има ситуации да имаме празни контејнери, а околу контејнерите да има мала депонија. Ги молам граѓаните да го фрлаат ѓубрето во контејнерите, затоа што ако е расфрлано околу контејнерите, тоа значи двојно повеќе ангажман на вработените. Јас гарантирам дека за брзо време ќе се стави ова во нормала и ќе профункционира најдобро што е можно – истакна Касами.

Тој повтори дека големите административни процедури го отежнуваат нормалното функционирање на новото претпријатие предводено од австриско-словенечката фирма „Заубермахер“.