Тесла немал пријатели, но на последното патување го испратиле повеќе од 2.000 луѓе, со звуците на „Тамо далеко“

3573

Неговите стотици патенти и пронајдоци му донесоа слава, но не и богатство. Иако не бил друштвен, а пред крајот на животот и многу осамен, веста за неговата смрт трогнала многумина, па во поворката кон погребната сала на авенијата „Медисон“ имало илјадници луѓе, меѓу кои државници, јавни личности, нобеловци, но и стотици обични, мали луѓе, кои едноставно му се восхитувале

Умрел во хотелска соба, сам, напуштен од сите, сиромашен и во долгови. Но, на патот до вечното почивалиште, два дена по њујоршките улици се слевала река од луѓе, кои дошле да му оддадат почит.

Тоа бил Никола Тесла, научник, гениј, чии изуми го олеснија животот на луѓето.

На 7 јануари, на Божик, собарката на хотелот во кој отседнувал Тесла го игнорирала знакот „не вознемирувај“ и влегла во неговата соба. Таму го нашла безживотното тело на научникот. Во официјалните записи пишува дека смртта настапила на 7 јануари 1943 година, во 22:30 часот. Тесла имал 87 години.

Неговите стотици патенти и пронајдоци му донесоа слава, но не и богатство. Иако не бил друштвен, а пред крајот на животот и многу осамен, веста за неговата смрт трогнала многумина, па во поворката кон погребната сала на авенијата „Медисон“ имало најмалку 2.000 луѓе, меѓу кои државници, јавни личности, нобеловци, но и стотици обични, мали луѓе, кои едноставно му се восхитувале.

– Никола Тесла умре. Тој умре сиромашен, но беше еден од најкорисните луѓе што живееле некогаш. Она што го создал е одлично и, како што одминува времето, станува уште поголемо – рекол Фиорело Ла Гвардија, тогашен градоначалник на Њујорк, во својот говор на комеморацијата на Никола Тесла, пишува „Блиц“.

Комеморацијата била емитувана од Радио Њујорк, а сите водечки весници објавиле написи за „заминувањето на еден гениј“.

Погребот бил одржан на 10 јануари, во катедралата „Свети Јован Богослов“ на  Менхетен, а ковчегот бил покриен со американско и со југословенско знаме.

Според желбата на Тесла, на последното патување бил испратен со музика, и тоа со композицијата на Шуберт „Аве Марија“ и српската „Тамо далеко“, за што сведочи звучна снимка, која е зачувана до денес, во Њујоршкиот архив. Српската песна ја посакал зашто го потсетувала на далечната татковина, а ја свирел на виолина неговиот пријател Златко Балаковиќ, во придружба на хорот „Слован“.

Тесла верувал дека смртта не постои и дека човечката енергија се трансформира во светлина. За многумина, тоа значи дека верувал во воскресение. Но, според христијанското учење, телото мора да биде целосно погребано за да се случи воскресение, а Тесла бил кремиран, што не во согласност со тоа учење. Сепак, нема докази дека тој самиот побарал да биде кремиран и ова прашање е отворено. Како и да е, со оглед на тоа што црквата не прифаќа кремирање, иако имало иницијативи, урната со пепелта на Тесла не била пренесена во храмот „Свети Сава“ во Врачар. Таа се наоѓа во музејот на Никола Тесла во Белград, каде што била донесена во 1957 година.

–  Смртта не постои, а со тоа сознание исчезнува и стравот од неа. И запомнете: ниту еден човек што постоел некогаш – не умрел. Луѓето се претвораат во светлина и како такви сè уште постојат. Тајната е да се вратат тие светлосни честички во својата првобитна состојба. Враќање на една од претходните енергии. Христос и другите ја знаеле таа тајна. Барав како да ја зачувам човечката енергија. Тоа е еден од видовите светлина. Во душата понекогаш е еднаква на врховната небесна светлина. Не го барав за себе, туку за доброто на сите. Верувам дека моето откритие ќе го направи животот на луѓето полесен и поподнослив и ќе ги насочи кон духовноста и моралот – зборувал Тесла.

Две соби во хотелот „Њујоркер“ една деценија биле дом на генијот

Во последните 10 години од животот, Тесла живеел во две споени хотелски соби на 33. кат на њујоршкиот хотел „Њујоркер“. Собите што имаат прекрасен поглед на Менхетн, денеска се издаваат по регуларна цена од 200 евра. Уредени се едноставно, во арт деко стил.

Тесла го обожувал хотелот „Њујоркер“, кој во тоа време бил нов и за краток период бил највисоката зграда во Њујорк. Споените соби 3327 и 3328 ги претворил во свој дом, во кој живеел од 1933 до 1943 година.

Во хотелот, кој имал сопствен генератор што можел да опслужи 35.000 луѓе, лизгалиште, болница, тој  живеел скромно и осамено, а најголема љубов му биле гулабите, кои одел да ги храни секој ден, во близина на Тајмс сквер.