Тешко се клати правосудната фотелја

Премиерот не се откажува од разрешување на членови на Судски совет

121

Премиерот Христијан Мицкоски преку изгласување на недоверба во Парламентот ќе ги натера петте члена на Судскиот совет: Селим Адеми, Павлина Црвенковска, Весна Дамева, Миљазим Мустафа и Тања Чачарова-Илиевска, самите да се повлечат од функцијата. Ослободување на Судскиот совет од контроверзии се чекорот кон длабоките реформи во правосудството, решителен е Мицкоски. Неговиот политички опонент, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, пак побара партиски консензус заради европски реформи. Првиот човек на советот нема дилеми дека местото на разрешување на членови на Судскиот совет е во Судскиот совет

Со гласање недоверба во Собранието, премиерот Христијан Мицкоски очекува да се реши прашањето за петтемина членови на Судскиот совет кои доаѓаат на предлог од законодавниот дом и на претседателот. Мицкоски очекува патот за нивно разрешување да се пробива преку интерпелацијата, и по изгласаната недоверба, нивната свест да проработи, да покажат доблест и самите да се повлечат од функцијата.

– Цениме дека треба да се удри во чело, да не се обидуваме да импровизираме, да правиме импланти итн. Ударот во чело подразбира дека сето она што е во ингеренции на, во случајот Парламентот, а тоа е изборот на оние членови на Судскиот совет, таму каде што се избираат, таму и да се изгласа интерпелација. Точно е тоа дека и покрај тоа што ќе се изгласа интерпелација, тие можат да останат и понатаму да бидат дел од Судскиот совет. Но во услови кога тој што те избрал, ти гласа повторно недоверба и ти продолжуваш да водиш инает, тоа не е добро, изјави премиерот.

Во Судскиот совет владее релаксираност по изјавите на премиерот дека бара начин како да ги отстрани од нивните функции. Впрочем, на тројца од оние за кои власта им спрема интерпелација, до крајот на годината и официјално им завршува мандатот. Еден од нив е членот Селим Адеми, кој со насмевка, по завршување на седницата, искоментира дека месеци се во прашање до неговото заминување. За претседателот Александар Камбовски, очигледно е незадоволството на власта од некои членови на Советот, но нагласи дека мора да се почитуваат законите и Уставот во државата.

-Единствено место каде што тоа е предвидено е во Законот за Судски совет. Иницијативи може да се поднесуваат до Собранието, секој има право да поднесува иницијативи. Сите работиме согласно на закон и Устав. Немаме причина да се сомневам дека и Собранието и Владата работат во согласност  на тие принципи, рече Камбовски, кој е дел од групата во Министерството за правда што го подготвува законот за Судски совет во кој ќе биде одново уредено како ќе се делегираат членовите.

По прашањето од новинарите дали по сите прозивки од премиерот би го повикал на разговор за да се договорат и да ја разрешат целата дилема околу разрешувањето на членови на Судскиот совет, претседателот Камбовски рече дека секогаш е отворен за разговор и за соработка со останатите две власти во државата, односно Владата и Собранието, и дека тоа не е заради него, туку заради граѓаните на оваа држава.

Додека Мицкоски бара механизми како да ги тргне членовите избрани од минатите власти, заради ослободување на правосудниот систем од контроверзии и корупција, лидерот на опозицијата Венко Филипче предупредува од нова партизација на судството преку смена на Судскиот совет.

– Не смее да дозволиме правдата која ја бараат граѓаните да се претвори во нова партизација и окупација преку смена на Судскиот совет од страна на власта. СДСМ бара следните чекори и реформи во правосудството да се прават со консензус на сите партии во Собранието. Потребен е национален, натпартиски пристап кој ќе обезбеди реформи согласно европските препораки. За тоа е потребно формирање на заедничка работна група во Собранието кое ќе ги дефинира, контролира и заеднички спроведува реформите во овој чувствителен сегмент, изјави Филипче.

Судскиот совет е составен од 15 члена, од кои тројца ги избира Собранието, а двајца членови ги предлага претседателот на државата, а изборот го врши законодавниот дом. Останатите осум членови ги избираат судиите од своите редови. Јавноста беше сведок на низа скандали во работењето на само на овој туку и на минатите состави, кога се избираа судии по телефон по тефтерчето. Веднаш по доаѓањето на власт, Мицкоски се зарече дека ќе го разрешува советот. Јасно е дека Комисијата за избори и именувања во Собранието не е вистинското место, откако Уставниот суд дал црвено светло.

– Ние не можеме да направиме целосно распуштање, ниту пак можеме за така кратко време да ги детектираме аномалиите. Но, можеме да избереме судски совет, којшто објективно без партиски стеги, без интереси, ќе може да го разбистри ова политичко мочуриште и да биде своевиден монитор на тоа како судиите се однесуваат, какви одлуки носат и зошто носат такви одлуки, рече премиерот во изјава за медиуми пред  брифингот со новинарите во Клуб на пратеници во Скопје. (П.А.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ