Тешките симптоми на грип се резултат на енормното загадување и слабиот колективен имунитет

Д-Р САШКО ОЛУМЧЕВ, ЕПИДЕМИОЛОГ ВО ЦЕНТАРОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ  ГЕВГЕЛИЈА

2253
Симптомите на грипот оваа година се покомплексни и покомплицирани, покрај другото, и поради енормното загадување. Последните години загадувањето низ Македонија си го покажа и своето влијание во здравството. Да ја земеме за пример Гевгелија, може да ви кажам дека бројот на алергии постојано е во пораст последниве години, како кај децата така и кај возрасните, односно кај хроничното болни кои имаат респираторни заболувања. Бидејќи очекувам наредните години, токму поради загадениот воздух да  имаме сè потешка симптоматологија кај сезонските вируси, апелирам институциите да најдат начин да ги лоцираат и елиминираат загадувачите на воздухот, вели д-р епидемиолог Сашко Олумчев од Центарот за јавно здравје во Гевгелија за весникот ВЕЧЕР. Според него, пикот на грипот веќе е достигнат, бројот на заболени се намалува, како во Европа така и во Македонија и вели дека се очекува кон средината на март бројките на заболени сериозно да се намалат

 

Љубчо АЛЕКСОВСКИ

Во амбулантите низ  државата  се забележуваат голем број болни од грип, а бројот на случаи деновиве го достигна врвот во сезоната. Резултатите добиени од Институтот за јавно здравје покажуваат дека има широка географска активност на вирусот, а процентот на позитивност е над границата од 10 проценти пет недели по ред. Во согласност со податоците, Македонија има висок интензитет на вирусот на грип во овој период. Ова беше повод да разговараме со д-р Сашко Олумчев, епидемиолог од Гевгелија, кој беше наш соговорник и на почетокот на сезоната на грип.

– Во согласност со податоците, Македонија има висок интензитет на вирусот на грип во овој период. Вкупниот број на случаи на грип и заболувања слични на грип до 9 февруари е 11.614. Ве изненадува ли бројката?

„Ваквата бројка не ме изненадува, туку ме изненадуваат симптомите. Би кажал дека симптомите на грипот оваа година се покомплексни и покомплицирани, покрај другото и поради енормното загадување. Последните години загадувањето во  Македонија си го покажа и своето влијание во здравството. Да ја земеме за пример Гевгелија, може да ви кажам дека бројот на алергии постојано е во пораст последниве години, како кај децата така и кај возрасните, односно кај хроничното болните кои имаат респираторни заболувања. Имаме огромен пораст во нашиот град на алергиската симптоматологија, а тоа значи дека и во наредните години ова високо аерозагадување ќе ни биде ризик-фактор број еден за влошување, не само на симптомите на грип, туку и за сите респираторни вируси, аденовирусот, респираторниот синцијален вирус и вирусот на грип кој ни е актуелен во овој момент. Загадувањето ги дразни респираторните патишта, ги принудува граѓаните сè повеќе да престојуваат во затворени простории, а контактите полесно го пренесуваат вирусот. Очекувам наредните години, токму поради аерозагадувањето да имаме потешка симптоматологија кај сезонските вируси, па затоа апелирам институциите  во државата да најдат начин да ги лоцираат и елиминираат загадувачите на воздухот.“

– Дали ваквите симптоми на грип се резултат и на намалениот колективен имунитет?

Да, може да кажам дека симптоматологијата на грипот е потешка и поради намалениот имунитет. Знаете, ние речиси три години бевме во изолација поради ковидот, и сега тоа ни се удира од глава,  бројот на ковид пациенти ни се намалува, но ни расте бројот на заболени од другите вируси. Ниту помладите, ниту постарите немаат изградено таков силен имунитет да се спротивстават на овие вируси. Заедно со вирусот на грип имаме силна активност на респираторниот синцијален вирус кој ја дава таа силна долнореспираторна симптоматологија. Грипот, како таков, не дава такви силни симптоми, туку тоа е резултат на синцијалниот вирус, кој се карактеризира со висока температура и долно респираторни симптоми, бидејќи овој вирус директно ги напаѓа алвеолите, особено кај децата до 5 години како и останатата популација. Затоа овие заболени тешко дишат, имаат кашлица и не ретко имаат потреба од кислородна поддршка.

– Оваа година расте бројот на заболени од грип кои бараат помош и од специјалисти?

Токму така. Број еден оваа година се вирусите на грипот и респираторниот синцијален вирус, но јас сепак  би му дал предност, според симптоматологијата, на овој вториот вирус, поради потешката клиничка слика и поради фактот што таргет група му се малите деца до 5-годишна возраст. Податоците кои ги следиме од Европскиот центар за контрола на болести, кои ги следат заразните заболувања, ни покажуваат бројки кои се мошне симптоматични и интересни. Имено, ако изминатата недела сме имале пријавено во Македонија околу 3.000 заболени од грип, половина од нив завршиле во секундарната здравствена заштита, а некои од нив и во терцијарното здравство, односно завршиле на  болничко  лечење. Има сè поголем број пациенти кои добиваат бронхитис, примаат инфузии а нивното закрепнување трае и повеќе од две недели.

– Докторе, кој тип на вирус на грип доминира во моментот?

Во однос на прашањето кој инфлуенца вирус доминира во моментот, може да се види од анализите  дека тоа е вирусот А, а половина помалку е вирусот Б.  Тоа значи дека едни од компонентите на овогодишната сезонска вакцина од грип  ни се поклопува со овие два вида, што создава солиден имунитет кај вакцинираните. Очекувам и наредната година да расте бројот на вакцинирани од сезонски грип, што кај заболените ќе создава полесна симптоматологија. Затоа препорачувам вакцинација на  населението, особено на лица кои припаѓаат на таканаречените ризични групи согласно препораките на СЗО: лица над 65 години, деца на возраст од шест до 59 месеци, лица постари од шест месеци со хронични болести, бремени жени и здравствени работници.

– Како стоиме со вакцинацијата против грипот кај детската популација?

„Изминатите 20 години колку се занимавам со имунизацијата, кај популацијата од 0 до 6 години процентот на вакцинирани од сезонскиот грип е мошне мал. Интерес не постои кај нас, еве оваа година во општина Гевгелија беа вакцинирани само 3 дечиња, по барање на родителите или по препорака на пулмолог. Затоа колективниот имунитет кај оваа популација сè уште го создаваме на потешкиот начин, со прележување на грипот. Ваквите деца, откако ќе се заразат со вирусот, се враќаат дома, имаат контакти со блиските и целото семејство заболува. Додека, во западните земји се поддржува вакцинација на децата до 6 години, не само од здравствени туку и од економски причини. Ако детето се разболи, родителот зема боледување а со тоа  трпи економијата. Затоа, сметам дека и кај нас ќе треба да се зголеми нивото на едукација кај родителите за бенефитите од вакцинацијата на нивните деца до шест годишна возраст од сезонски грип.“

– Министерството за здравство, по препорака на Комисијата за заразни болести донесе превентивни мерки со кои се забрануваат посети на хоспитализирани пациенти за да се спречи ширење на грипот во болнички услови и строго да се почитува куќниот ред во здравствените установи,  граѓаните да користат  лична заштита – носење заштитни маски, дезинфекција на раце и одржување физичка дистанца, каде е возможно. Се почитуваат ли овие мерки и ќе има ли ефект од нив?

Мерките на Министерството за здравство за носење маски во болниците, одбегнување близок контакт со носители на вирусот и слично, не гледам дека се почитуваат барем во здравствената институција каде што јас работам.  Граѓаните не се дисциплинирани, и мислам дека овие мерки требаше да се донесат на почетокот на епидемијата, бидејќи сега, според мене  нема да дадат некој поголем ефект.

– И за крај, го достигнавме ли овогодишниот пик на сезонскиот грип?

Пикот на грипот веќе е достигнат, бројот на заболени се намалува, како во Европа така и во Македонија и очекувам кон средината на март, бројките на заболени сериозно да се намалат, да стивне овогодишната сезона на грипот и да дојдеме до една стабилна епидемиолошка состојба.

ИЗДВОЕНИ