Додека во Ријад се водат руско-американски преговори, цел свет се прашува каде се рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп.
Како што пренесува РИА Новости, претседателите на овие земји денеска ќе имаат активности во рамките на земјите што ги водат. Путин ќе патува на северозапад од Русија, во Санкт Петербург, а Трамп на југоисток од САД, на Флорида.
Рускиот претседател, како што соопшти неговиот прес-секретар Дмитриј Песков, во вторник ќе работи во Санкт Петербург. Во северниот главен град тој ќе одржи видео конференција со руската влада, чија главна тема ќе бидат резултатите од лекарските прегледи во Русија во 2024 година.
Трамп планира патување на Флорида во неговата резиденција Мар-а-Лаго. Се очекува таму да потпише уште една серија извршни наредби.
Според извештаите, заедничкото интервју меѓу Трамп и шефот на американското Министерство за владина ефикасност (DOGE) Илон Маск треба да се емитува денеска на Фокс.
Делегациите од Русија и Соединетите Држави денеска одржуваат состанок во Саудиска Арабија посветен на обновувањето на целиот спектар на руско-американски односи. Освен тоа, се работи за договор за тоа како да почнат преговорите за Украина, изјави помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков, кој е дел од руската делегација.
Кои се руските и американските преговарачи?
На преговорите во Ријад учествуваат само руската и американската делегација, а Украинците не се поканети.
Преговарачкиот тим на Путин во Ријад се состои од:
Сергеј Лавров, руски министер за надворешни работи
Јуриј Ушаков, помошник на рускиот претседател
Американскиот тим за Ријад ги вклучува:
Марко Рубио, државен секретар
Стив Виткоф, специјален пратеник за Блискиот Исток
Мајк Волц, советник за национална безбедност