Две лица загинаа во тешка сообраќајна несреќа што попладнево околу 14 часот се случи на експресниот пат Кочани – Штип, кај подвозникот кон селото Тркање.
Според информациите од СВР – Штип, во несреќата учествувале две патнички возила со кочански регистарски таблички. Од силината на судирот, двајцата возачи починале на самото место.
Првичните наоди укажуваат дека се работи за директен судир помеѓу автомобили од марките „Фолксваген“ и „Пежо“. Едно од возилата се запалило и целосно изгорело.
На терен интервенирале пожарникарите од Територијалната противпожарна единица – Кочани, а увид на местото на несреќата врши екипа од Полициската станица во Кочани, со цел да ги утврди точните причини за трагедијата.
Надлежните апелираат на зголемена внимателност при возење, особено на овој дел од патот, кој во минатото бил сцена на повеќе тешки несреќи.