Двајца терористи, од кои една е жена, кои денеска го нападнаа објектот на Турската авијациска индустрија (ТАИ) во Анкара се елиминирани, а бројот на жртви се искачи на четири, изјави министерот за внатрешни работи Али Јерликаја.
Тој рече дека се ранети 14 лица, од кои тројца се во тешка состојба и посочи дека се работи на откривање на напаѓачите, пренесува Хуриет. На местото на настанот се испратени голем број полициски и медицински екипи за специјални операции, а неодамна во близина на објектот пристигна и Јерликаја.
Директорот на CNN TURK Istanbul News Нихат Улудаг рече дека верува оти постои можност нападот да го извршила Курдистанската работничка партија (ПКК), која е означена како терористичка организација во Турција, или членови на Револуционерната народнослободителна партија (DKHP-C), пренесува Hurijet.
Генералниот секретар на НАТО Марк Руте го осуди терористичкиот напад и рече дека Алијансата стои до својот сојузник Турција, пренесува Ројтерс.
Претходно денеска Јерликаја соопшти дека во нападот загинале неколку лица, додека други се повредени.
Претходно имаше експлозија и пукање на влезната капија на кампусот „Акционерско партнерство“ во Анкара, јавија турските медиуми, додавајќи дека персоналот е испратен во засолништата поради безбедносни причини.