На термоцентралите што работат на јаглен нема во скоро време да им стават катанец на врата, ниту кај нас ниту во светот, затоа што многу држави и натаму ќе се „крстат“ во нив како главни производители на електрична енергија. Побарувачката за овој енергенс од ден на ден станува сè поголема поради порастот на населението во светот, како и поради технолошкиот и економскиот развој.

Според Меѓународната агенција за енергија, од 2010 до 2023 година, употребата на електрична енергија пораснала за двапати побрзо отколку вкупната побарувачка на енергија. Професорот на Машинскиот факултет во Скопје, Ристо Цицонков, вели дека причина за тоа се зголемувањето на бројот на електрични возила, употребата на топлински пумпи (клима-уредите) за греење и за ладење, зголемувањето на стандардот на населението, проширувањето на центрите за податоци (вештачката интелигенција), дигитализација на економијата и друго.

Македонија е зависна од струјата од РЕК „Битола“

Македонија е зависна од струјата што ја произведува РЕК „Битола“. Во последните три години, во Македонија се изградија многу фотоволтаици со околу 1.000 мегавати, вклучувајќи и некои ветерни електрани, биогасни електрани, мали хидроелектрани и да, тоа е добро за портфолиото на земјата, од една страна, но фотоволтаичните електрани и ветерните електрани се извори на електрична енергија што не секогаш се предвидливи и затоа и натаму нашиот електроенергетски систем се потпира на производството на РЕК „Битола“, кој користи јаглен од рудниците „Суводол“ (веднаш до РЕК „Битола“) и „Брод-Гнеотино“, кои се прикрај, кон целосно исцрпување.

– Во последната стратегија за енергетски развој на РМ (2020-2040 година) има три сценарија. Во референтното сценарио, термоелектраните на јаглен ќе работат и понатаму додека има јаглен во рудниците, а во другите две сценарија (умерено и зелено), РЕК „Битола“ треба да престане да работи во 2025 година. Јавноста беше известена дека РМ ќе биде првата земја на Балканот (и пошироко) што ќе го исфрли јагленот од употреба. Но, набргу изјавија од Владата дека рокот за затворање на РЕК „Битола“ ќе биде до 2027 година, а по појавата на енергетската криза, рокот беше продолжен до 2030 година. Но, во септември 2024 година, министерот за животна средина, Изет Меџити, изјави дека Македонија има цел да се откаже од употребата на јаглен за енергетски потреби до 2050 година – вели професорот Цицонков.

Поради неквалитетниот јаглен, зголемените земјени работи за откривање, увозот на јаглен, честите дефекти и прекини во работата (застареност на опремата), цената на произведената електрична енергија во РЕК „Битола“ често пати е повисока од цената на берзите, па се поставува прашањето дали да се стават постројките во принудно мирување. По стапувањето на должност, министерката за енергетика, Сања Божиновска, изјави дека производствената цена во РЕК „Битола“ е 133 евра за мегават-час, која во тој момент беше повисока од берзанската.

– Многу често се трошат големи суми пари за увоз на електрична енергија, а цената на берзата е многу висока ако се купува моментално или само еден ден однапред. Но цената зависи и од состојбите во меѓународни рамки, бидејќи повремено има и енергетски кризи во пошироки размери. Во текот на енергетската криза во 2022 година, цената на ел. енергија достигна околу 500 евра за мегават-час, а во таа година РМ имаше увезено ел. енергија за околу 400 милиони евра. Тоа беше огромна непланирана сума – вели Цицонков.

Според него, постои голема веројатност наскоро (за неколку години) да снема јаглен за ТЕЦ „Битола“. Ако дотогаш државата не изгради гасни когенеративни централи или поголема хидроелектрана (на пример „Чебрен“), тогаш ќе се зголеми потребата од увоз на електрична енергија, што директно ќе влијае на сигурноста во снабдувањето со електрична енергија и, веројатно, и на БДП.

Во неколку претходни стратегии за енергетскиот развој на РМ (од 2010 до 2030 и од 2015 до 2035) е предвидена варијантата за изградба на нова термоелектрана со моќност од 300 МW, со користење јаглен од Живојно и Мариово, со јамска експлоатација.

– Во стратегијата за 2020-2040 година, оваа варијанта не е наведена и претпоставувам дека нема да се разгледува понатаму од повеќе причини. Покрај ова, треба да се земе предвид воведувањето јаглероден данок во РМ во 2026 година. Тоа е обврска ветена во преговорите со ЕУ, а, сигурно, дополнително ќе ја оптовари цената на електричната енергија произведена од јаглен – потенцира Цицонков.

Дополнителен проблем за работата на РЕК „Битола“ е обврската за ставање филтри за одвојување на сулфур диоксидот од димните гасови, кој влијае штетно на здравјето на луѓето. Овие денови во јавноста се појавија информации и слики со прашина од пепел, со што се загадува поширокиот регион, дури до градот Битола. Се јавуваат дилеми околу изградбата што е во тек, на цевководот за топла вода од РЕК до градот Битола, за градска топлификација.

– Ако РЕК „Битола“ е во неизвесност, тогаш и прашање е дали ќе се стави во употреба тој систем за топлификација. Можеби, ако се изгради нова гасна когенеративна централа на сегашната локација на РЕК – вели Цицонков. 

Тој нагласува дека на Македонија ѝ недостига базна електрична енергија потребна за периодите кога нема сонце, а има голема побарувачка.

– Бидејќи доцни изградбата на предвидените гасни когенеративни централи и на хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“ (не се ниту почнати), до нивното пуштање во работа треба да се зачуваат постојните термоелектрани во РЕК „Битола“ и соодветните рудници на јаглен, кои се пред исцрпување – смета професорот.

Во пораст производството на јаглен во земјите со забрзан развој

Според Цицонков, поради плановите за пораст на економиите на САД и на Кина, ќе расте и побарувачката за електрична енергија.

– Во купот информации што ги имаше поради високите царини од САД кон светот, нечујно помина кај нас веста дека претседателот Доналд Трамп донел наредби што имаат цел да се засили производството на јаглен наменет за добивање енергија, вклучувајќи ги и термоелектричните централи, а со изговор дека се очекува пораст на потребите од електрична енергија. Мене нешто ме буни, бидејќи призводството на електрична енергија од гас и од обновливи извори (сонце и ветер) е поевтино отколку производството со јаглен. Токму јагленот обезбедува над една третина од глобалното производство на електрична енергија иако е фосилно гориво со најголем потенцијал на глобално загревање. Тоа е поголемо во споредба со производствата од другите видови горива, плус создава големо локално загадување – вели Цицонков.

И додека постепено се исфрла од употреба за производство на електрична енергија во повеќе земји, особено во Европската Унија, јагленот и понатаму ќе продолжи да игра клучна улога во производството на железо и на челик додека не бидат достапни понови технологии. До крајот на 2024 година, само неколку земји завршија со укинувањето на производството на електрична енергија со јаглен, како Белгија, Австрија, Швајцарија, Шведска, Португалија, Словачка и Обединетото Кралство.

– Со оглед на тоа што побарувачката за електрична енергија продолжува да расте, многу земји што имаат јаглен, а немаат други ресурси, ќе ги задоволуваат потребите само ако продолжат и понатаму да произведуваат електрична енергија со јаглен како прв избор. Ова е особено изразено во земјите со забрзан економски развој како Кина, која гради нови термоелектрични централи на јаглен, така што нејзиното производство на јаглен е поголемо дури и од вкупното производство во останатиот свет – вели Цицонков.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ