Мобилните екипи на Црвениот крст на Град Скопје, согласно со акцискиот план и препораките на надлежните институции за справување со топлотните бранови, во текот на оваа недела (12-16 август) ќе бидат на терен.

Екипите составени од лекар или парамедик патролираат низ Градот Скопје, дистрибуираат вода, им се мери притисокот на граѓаните што се жалат на тегоби, а за потешките случаи е обезбеден и транспорт до најблиската медицинска установа или до домот на лицето.

– За активностите во наредниот период, ќе бидат ангажирани 39-мина волонтери од Тимот за одговор при катастрофи и професионално ангажирани лица, поделени во 13 тима, со 4 возила, кои ќе патролираат низ градот на дневна основа, и тоа во периодот од 11:00 до 16:00 часот. Тимовите патролираат низ централното градско подрачје, на поголемите автобуски постојки, пазари и здравствени објекти – информираа од Црвениот крст на Град Скопје.

Во пунктот за бездомници во Момин Поток, отворен е телефонот 071/223-972 за јавувања од граѓани за бездомници што се погодени од топлотниот бран.

Владата во неделата ги донесе вообичаените мерки за топлотни бранови, кои се со важност до среда.