Мартин Гоџо беше најсреќен меѓу стотината верници, успевајќи да го фати чесниот крст, кој во осветените води на Охридското Езеро прв пат го положи поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот г.г. Стефан. Ова му е вторпат на Гоџоски да го фати крстот, првиот пат му се посреќи во 2022 година. Прв до светиот крст од водите на Вардар кај Скопје стигна Теодор Јовевски. Нему ова му е прв пат да го фати симболот на христијанството од осветените води. Поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, од Охрид испрати обединувачки пораки до верниците и пораки да создаваме дела достојни на името што го носиме.
– Денеска се наоѓаме во Градот Охрид и езерото со кои е поврзано сè што е наше, и духовно и национално, од кои се неодвојливи и минатото и сегашноста, и верувам и нашата иднина. Охрид, оваа древна и славна наша столица, била и останува да биде наша гордост, и пред себе и пред другите. Овој град е свет, и Климентов и Самоилов, овој град на светињи и старини, овој град црква од цркви и темел на сè што е наше – порача г.г. Стефан
Мартин Гоџо беше најсреќен меѓу стотината верници, успевајќи да го фати чесниот крст, кој во осветените води на Охридското Езеро прв пат го положи поглаварот на МПЦ, архиепископот г.г. Стефан. Ова му е вторпат на Гоџоски да го фари крстот, првиот пат му се посреќи во 2022 година.
– Оваа година повторно ми се посреќи прв да стигнам до светиот крст. Ова е огромна чест за мене, за мојата фамилија, за мојата тајфа. Водата беше студена, исто како и другите години, крстот ќе си дојде за кого е пишано. Здравје, среќа и бериќет мене, на мојата тајфа, на мојата фамилија – рече Гоџо.
Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, овие Водици првпат го изврши чинот на водосвет и положување на светиот крст во водите на Охридското Езеро. Го даруваше среќникот со Библија и со златно ланче со крст. На чинот на осветувањето на езерските води и на положувањето на крстот му претходеше обраќање на поглаварот на МПЦ до верниците собрани во Охрид, порачувајќи им дека со настанот на крштавањето на Исус во водите на Јордан е објавена вистината за Бога, за човекот и светот и вистината за небото и земјата.
– Денеска се наоѓаме во градот Охрид и езерото со кои е поврзано сè што е наше, и духовно и национално, од кои се неодвојливи и минатото и сегашноста, и верувам и нашата иднина. Охрид, оваа древна и славна наша столица, била и останува да биде наша гордост, и пред себе и пред другите. Овој град е свет, и Климентов и Самоилов, овој град на светињи и старини, овој град црква од цркви и темел на сè што е наше, во кој на секој чекор чиниш сретнуваш книга и училница отворени за навек, од кои се учи и поучува, од кои се расте и преобразува – рече архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан.
Поглаварот на МПЦ-ОА се обрати кон верниците со обединувачка порака:
– Потребно е да создаваме дела достојни на името што го носиме, а тоа, пред сè, подразбира нашиот живот да го красат човекољубието и богољубието и значи дека сме ја разбрале смислата на крштавањето, односно дека достојно го чуваме миропомазанието со печатот на Светиот Дух. Како христијански народ, особено ова наше поколение, да се прашаме дали доволно ја исполнуваме најсветата обврска, и пред родот и пред Бога, размислуваме ли колку време и колку љубов им посветуваме на луѓето околу нас и колку на Бога.
Во своето послание говореше дека Исус, крштавајќи се на денешен ден во реката Јордан, ни дал и пример и заповед за потребата и за ползата од светата тајна крштение, зошто не е доволно само да бидеме крстени, односно само да ја примиме светата тајна, туку е потребно и да живееме според законите и заповедите на верата. Празниците на нашата света вера, нагласи тој, се токму за тоа, да нè потсетуваат на настанот или на богоугодникот, но и на тоа како живееме и постапуваме и кон себе, кон другите и кон Бога.
– Денеска собрани, како и досега, и овој пат мисловно да се пренесеме до спасоносниот Јордан и сите води покрај кои е збран народ, кој го слушнал гласот Господов, за и ние да го доживееме настанот и да го примиме Христа, Кој се јави како што порачува светата црква на богојавленскиот водосвет. Затоа да го молиме денеска крстениот Син Божји осветените води на овој спасоносен ден да ни бидат за исцеление на душите и на телата, да ни ги измијат сите лоши мисли и да оросат во нас духовно освежување и поткрепување за да можеме да создаваме дела достојни на нашето човечко и христијанско признание. Оној Што слезе од небото и влезе во јорданските води, нека нè озари со небесна светлина за да го доживееме денешниот настан и за да ја разбереме небесната објава. И да не заборавиме, Богојавлението ќе ги преобрази само оние што ја разбрале и живеат според вечната порака: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно“ – порача г.г. Стефан.
Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, рече:
– Денес, на Богојавление, треба да размислуваме за тоа каква е нашата духовна облека, каква е нејзината чистота, каква ни е чистотата на срцето, каква е содржината на нашите дела и да размислуваме со колку чисти души и мирна совест стоиме пред отворените небеса, од каде што доаѓа гласот што води кон вечната вистина. Треба да знаеме дека светото Христово крштение, светите Христови облеки не се надворешни, туку се внатрешен украс и секој што го примил Христовото име за свое, секој што се крстил, треба да се преобрази. Затоа, секој од нас е должен да внимава на сопствената морална чистота и со добри дела да се потврдува дека е достоен член на светата црква. Како христијани и членови на светата црква, имаме уште едно задолжение. Должни сме оние што сè уште не го разбрале доаѓањето на Бога како Богочовек на земјата, да ги упатуваме кон Јордан, кон Христовото крштение, односно кон тајните на верата Христова. Да се погрижиме да бидеме достојни носители на Христовото име, на името христијани и да ја чуваме чиста облеката што сме ја примиле во моментот на светото крштение.
На чинот на положување на светиот крст присуствуваа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, градоначалникот на Општина Охрид – Кирил Пецаков, претседателот на СДСМ – Венко Филипче. Традиционално, фаќачот на крстот, заедно со својата тајфа, ги посетува домовите на охриѓани, честитајќи им го големиот празник Богојавление – Водици. Настанот на градското пристаниште во Охрид го проследија голем број граѓани од Охрид, земјава и од светот. Одбележувањето на големиот верски празник Богојавление – Водици и годинава се одржува во организација на Дебарско-кичевската епархија и на локалната самоуправа, а со поддршка од јавните претпријатија, Црвениот крст Охрид, нуркачките клубови, здравствените установи, ТППЕ Охрид, СВР Охрид.
По повод празникот Богојавление – Водици, крстот беше положен и во другите градови во земјава. Прв до светиот крст од водите на Вардар кај Скопје стигна Теодор Јовевски. Нему ова му е прв пат да го фати симболот на христијанството од осветените води. Младиот Јовевски рече дека се надева оти крстот ќе му донесе среќа, а на другите верници им порача да веруваат во Бога. Оваа година, владиката Јосиф првпат ја водеше централната манифестација, менувајќи го архиепископот г.г. Стефан, кој беше во Охрид и во Струга. Во Скопје, за фаќање на светиот крст се пријавија 220 граѓани, а на кејот на Вардар имаше голем број верници, кои присуствуваа на свеченоста. Триесет и седумгодишниот Александар Стојановски и 34-годишниот Петар Мијалков го фатија светиот крст од водите на реката Брегалница, кои, традиционално, во Штип се положува на две локации. Стојановски вели дека е вработен и дека за првпат го фаќа светиот крст, а Мијалков, кој го извади светиот крст од водите на реката Брегалница кај штипско Ново Село, веќе 15 години учествува во положувањето на светиот крст и по вторпат го вади од осветените води. Церемонијата за Богојавление – Водици во Штип ја предводеше митрополитот на Брегалничката епархија, господин Иларион. Православниот празник Богојавлние – Водици беше одбележан насекаде во Албанија, каде што живеат православни Македонци, во Мала Преспа, Голо Брдо, Врбник и во поголемите градови во Албанија. Во Пустец, најсреќен беше Сандре Колефски.
Богојавление е одбележување на денот на Христовото крштавање во реката Јордан од страна на свети Јован Крстител, кој го повикувал народот на покајание и му кажувал дека е дојдено времето кога ќе се појави Спасителот на светот. Притоа, луѓето ги крштавал со вода и им кажувал дека тој што ќе дојде по него, ќе ги крсти со Свет Дух. „Јас ве крштавам со вода; но иде посилен од мене, Кому не сум достоен да Му ги одврзам ни ременчињата на обувките Негови. Он ќе ве крсти со Дух Свети и со оган.“ Со тоа, на овој празник му се дава значење на крштавањето како една од светите тајни на христијанството, кое значи и духовно раѓање – почеток на човековото живеење во верата. (П.А.)