Тензиите на Блискиот исток растат! Дали Иран уште денеска ќе го нападне Израел?

557
EPA-EFE/MOHAMMED SABER

Тројца неименувани американски и израелски официјални лица изјавија дека очекуваат Иран да го нападне Израел уште во понеделник, објави американскиот портал „Аксиос“.

Американските власти цитирани во текстот очекуваат иранската одмазда да биде поголема од нападот на Иран врз Израел на 13 април и може да ја вклучи либанската милитантна група Хезболах.

Лидерите на Иран и Хезболах изјавија дека ќе се одмаздат за убиствата на главниот воен командант на групата, Фуад Шукр и Исмаил Ханије, политичкиот водач на палестинската милитантна група Хамас, за што го обвинуваат Израел.

Американскиот генерал задолжен за американските сили на Блискиот Исток, Мајкл Курила, пристигна во регионот во саботата додека продолжуваат подготовките за можен напад врз Израел од Иран, изјавија двајца американски официјални лица, a објави „Тајмс оф Израел“.

Патувањето на Курила во регионот беше планирано пред неодамнешната ескалација меѓу Израел, Иран и Хезболах, но се очекува тој да ја искористи посетата за да се обиде да ја мобилизира истата меѓународна и регионална коалиција што го бранеше Израел од напад од Иран на 13 април, изјави официјален американски претставник.

Се очекува Курила да посети неколку земји од Персискиот залив, Јордан и Израел.

Јордан, наводно, ќе биде клучна станица за време на посетата на Курила, бидејќи Јорданците одиграа значајна улога за време на нападот на Иран врз Израел на 13 април со пресретнување на ирански беспилотни летала кои влегоа на јорданска територија и беа насочени кон Израел.

Јордан, исто така, дозволи американски и израелски авиони да го користат јорданскиот воздушен простор за пресретнување на ирански беспилотни летала.

Пентагон во петокот соопшти дека САД ги засилуваат своите сили на Блискиот Исток како подготовка за можен ирански напад врз Израел и испраќање на повеќе воени бродови и борбени авиони во регионот.

Американскиот претседател Џозеф Бајден изрази надеж дека Иран сепак ќе се повлече и покрај неговата закана дека ќе се одмазди за убиството на лидерот на Хамас во Техеран, како што рече во разговор со новинарите.

Во исто време, француското Министерство за надворешни работи вчера ги повика своите граѓани што поскоро да ја напуштат територијата на Либан поради страв од можна ескалација на конфликтот. САД и Велика Британија го направија истото и ги предупредија своите граѓани за опасноста од ширење на конфликтот на Блискиот Исток.