Во Тирана денеска дошло до физички конфликт меѓу пратениците на опозицијата и полицијата пред зградата на Собранието, кога пратениците се обиделе да влезат, но не им било дозволено.
Полицијата насилно спречила граѓани и претставници на Демократската партија да влезат во дворот на парламентот, објави politiko.al. Дел од социјалистите кои се упатија кон собранието, ги зедоа столчињата од парламентот и ги фрлија во толпата пред собраниската говорница, јавува А2 Си-Ен-Ен.
Неколку часа пред пленарната седница објектот беше опколен со метална ограда, а потоа распореден голем број припадници на националната града, за да се спречи влез на исклучените пратеници, но дел од пратениците се обиделе насилно да влезат. Пратеникот Петрит Дода физички се судри со еден од гардистите, додека Фламур Нока и Бледион Налбати се обидоа да ја пробијат оградата.
Внатре во собраниската сала, социјалистите ја започнаа работата, а пратениците од опозицијата кои успеаја да влезат во салата, како Петрит Дода, Тритан Шеху и Албана Вокши, со столчиња ја блокираа говорицата.
Пратеничката Елда Хоти во салата фрли пиротехнички средства и шише со течност, но обезбедувањето успеа навреме да ја неутрализира состојбата.
Веднаш потоа претседателката на парламентот Елиса Спиропали ја исклучи од седницата Хоти и уште двајца нејзини сопартијци.
Поради мирисот на бензин во салата, како што рече Спиропали, седницата е прекината, со најава дека ќе продолжи. Поради безбедносни причини не беше дозволено присуство на медиумите.
По стивнувањето на протестот, во дворот на парламентот останаа само редарите. Сепак, според шефот на пратеничката група на демократите, Газмент Барди, полицијата посегнала по оружјето, што довело до физичка пресметка.