Во тензична атмосфера и со големо незадоволство на неколку клубови од работата на Перо Антиќ, како прв човек на Кошаркарската федерација, започна редовното Годишно собрание на КФСМ. Прво започна со одбивање на предлозите на претседателот Перо Антиќ за Верификациска комисија, Работно претседателство и оверувачи за запсник на Собранието, како и дневниот ред од страна на „Иницијаторите за промена“ на првиот човек на Федерацијата. Сето ова придонесе да има прекин на Собранието.
Од правна процедура, актуелното раководство не може да биде разрешено со оглед на тоа што таа точка не беше ставена на дневен ред, па затоа Антиќ мораше да ја прекине седницата, што значи дека останува претседател до одредено време кога правото ќе дозволи да биде сменет.
На редовното Годишно собрание беа присутни 47 членови, голем дел од нив му дадоа „црвен картон“ на Антиќ за гореспоменатите точки, а покрај тоа предложија нови свои луѓе за Верификациска комисија и Работно претседателство. Дел од нив побараа измени на дневниот ред, дел од нив побараа разрешување на претседателот Перо Антиќ, разрешување на Управениот одбор и Надзорниот одбор.
Тие за причина за промена на Антиќ го наведоа Изборното собрание на кое полномоштво добија роднини, пријатели, па и таткото на Антиќ. Оспорен беше и финансискиот извештај, но за истиот се огласи генералниот секретар Владимир Георгиевски.
Адвокатскиот тим на КФСМ им објасни дека промена на дневен ред може да има 15 дена пред почетокот на Собранието за да може да се дискутира за истото. Точките на дневен ред не можат да бидат изгласани, ниту дискутирани. Промена на престедателот е спротивно од статутот, кој вели дека Антиќ не може да биде сменет пред истекот на две години од неговиот нов мандат.