Австралиската тенисерка Дестани Ајава (24) реши да се повлече од тенисот поради големата омраза, гадните коментари и смртните закани што ги добива на социјалните мрежи.
Нејзината одлука дојде веднаш откако загуби тесно од Габриела Кнутсон, во финалето на ИТФ-турнирот во Прага, кој се играше во неделата и заврши со резултат 6:4, 3:6, 7:5. Овој пораз, кој ја спречи 24-годишната Ајава да ја освои титулата, очигледно налути некои луѓе, веројатно поврзани со обложувањето.
Во својата објава на Х, Ајава ја откри емоционалната жртва на овие токсични коментари.
- Одлуката да се повлечам ја донесов поради пораките со омраза (мизогинија) и смртните закани што ги добивам по секој загубен натпревар – изјави Ајава.
Во моментот на повлекувањето од тенисот, таа беше рангирана на 169. место на ВТА ранг-листата, додека најдобриот пласман ѝ беше во 2017 година, кога беше на 147. место.
Инаку, оваа Австралијка, пред две години, на својот роденден, ја шокираше целата јавност признавајќи дека сакала да се самоубие.
- Ноќта на 17 април сакав да скокнам од мост. Поминаа тројца мажи, ме задржаа да не го направам тоа и ме однесоа дома. Не сакав да го доживеам мојот 22 роденден. Понекогаш луѓето со кои се среќаваш во животот може да направат да се чувствуваш недостоен да бидеш сакан, но на крајот научив: Бог е милостив и нема да дозволи да бидеш искушуван над твоите сили, но ќе обезбеди излез за твоите искушенија за да можеш да издржиш. Ви благодариме за поддршката – напиша младата тенисерка на „Инстаграм“, во тоа време.