Општина Ѓорче Петров, во рамки на ингеренциите на локално ниво, почна со темелни контроли на угостителските објекти на територија на населбата.
Инспекторите од Одделението за инспекциски работи се веќе на терен за да ја утврдат фактичката состојба на локалите. Сопствениците на објектите се должни да ги поседуваат и прикажат документите кои се потребни за локалот да работи според законските прописи. При проверките, потребно е локалите да поседуваат: елаборат за противпожарна заштита, елаборат за животна средина, решение за урбана опрема, решенија за вршење угостителска дејност надвор од објект и за вршење дејност, како и тековна состојба.
Од Општина Ѓорче Петров апелираат документите да бидат навремено подготвени и соодветно прикажани за време на инспекцискиот надзор.
Во однос на училиштата, пак информираат дека тие поседуваат елаборати, односно План за заштита и спасување од природни непогоди и други несреќи, Правилник за заштита од пожари и експлозии и Процена на загрозеност од природни непогоди и други несреќи, а противпожарните апаратите се навремено сервисирани.