Тејлор Свифт влезе во историјата со 10 нови „Билборд“ музички награди, ден пред нејзиниот роденден

9

 Американската пејачка и текстописец Тејлор Свифт изјави дека тоа што ќе влезе во историјата како најнаградувана добитничка на „Билборд“ музичките награди е „најдобриот ран роденденски подарок“ за неа.

Поп-ѕвездата вчера освои 10 одличја, вклучувајќи го и она за изведувач и најдобар албум на „Билборд 200“ листата, за „Tortured Poets Department“. Новите признанија доаѓаат откако таа ја заврши својата рекордна турнеја „Ерас“ во неделата, којашто доминираше во музичките вести претходниве 21 месец. Со тоа, таа стигна до 49 награди во музичката кариера.

– Ова е најдобриот ран подарок за роденден што можевте да ми го дадете, па Ви благодарам многу. Го сакам, тоа е токму она што го сакав!, рече Свифт во претходно снимениот говор, пред нејзиниот 35-ти роденден денеска. – За сѐ што е поврзано со турнејата „Ерас“ и албумот, само треба да ви се заблагодарам… Тоа ми значи сѐ! Тоа ми кажува дека ја прифативте мојата работа и многу ми значи тоа што толку многу се грижите за мојата музика!, додаде таа.

На доделувањето, награди добија и британските ѕвезди Дуа Липа и групата „Колдплеј“, како и американскиот изведувач Дрејк, прогласен за најдобар рапер, најдобар машки рап-изведувач, а доби и признание за најдобар рап-албум – „For All The Dogs“. Доџа Кет е најдобра раперка, а наградата за најдобра рап-песна ја доби Кендрик Ламар за „Not Like Us“.

Наградата за најдобар нов музички уметник отиде во рацете на американската кантавторка Чапел Роан, која рече дека ѝ требало долго време да се пробие во музичката индустрија.

„Билборд“ е американски неделник посветен на музиката во светот. Списанието е основано во Синсинати, САД, 1894 година и се смета за еден од најрелевантните и најнепристрасни извори на новости за забавната музика. Во таа смисла се издвојува „Билборд хот 100“ топ-листата на 100 најслушани песни – без разлика на жанрот, а пак „Билборд 200“ е можеби најверодостојниот показател за продажбата на албуми.