Техничката помош на Трезорот на САД е добредојдена и корисна во унапрдувањето на управувањето со јавните финансии. Со експерти од Трезорот на САД се работи во повеќе сектори во Министерството за финансии, Царинската управа и Управата за јавни приходи, а се темели врз основа на потпишан Договор помеѓу МФ и Канцеларијата за техничка помош на МФ на САД. Ова беше констатирано на средбата на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска со заменик-помошник секретарот во Трезорот на САД Лијен Трен,  Ребека Горин од Канцеларијата за Европа и помошници директори коишто се инволиврани во активностите во земјава.

– Постоечкиот систем на планирање на буџетот и процесите е развиен со техничка помош од МФ на САД во перидоот 2004-2008 година, а сега се работи на подобрување на тие процеси. Со експертите од Трезорот на САД се работи во повеќе области и сектори во МФ. Се работи на подготовка на нацрт-верзии на клучните документи за планирање и извршување на буџетот, коишто произлегуваат од новиот Закон за буџети. Зајакнување на надзорот на небанкарскиот финансиски сектор, преку зајакнување на капацитетите на секторот во МФ, како и  со цел зајакнување на заштитата на потрошувачите и финансиската писменост. Исто така, експертите работат и во делот на управувањето со јавниот долг и слично. Сето тоа е особено важно за нас за унапредување на процесите преку коишто ќе се зголеми ефикасноста во прибирање на приходите во буџетот и управување со прибраните средства – рече министерката Димитриеска-Кочоска.

Таа додаде дека со Договорот се опфатени и се спроведуваат активности и во Управата за јавни приходи и Царинската управа, каде се работи на зајакнување на капацитетите, дигитализација на процесите, како и сајбер безбедност и борба со криминалот.