На политичките партии им останува уште една недела за составување на листи на кандидати за пратеници во Собранието кои овластените претставници треба да ги доставуваат до ДИК најдоцна до полноќ на 2 април, а течат и роковите за подготвување за кампањата за парламентарните избори, која почнува на 18 април.
ВМРО –ДПМНЕ денеска и конечно ги потврди носителите на изборните листи на парламентарните избори во сите шест изборни единици, откако остана непознато само уште кој ќе биде највисоко на листата во петката.
Потпретседателот на партијата Александар Николовски на прес- конференција кажа дека генералниот секретар на партијата Ѓорѓија Сајкоски, чие име изминатите денови се споменуваше во партиските кругови како носител во петтата изборна единица и официјално ќе биде прв во петката.
Николовски кажа дека при носењето на одлуката за носителот на листата за пратеници во петката се воделе од досегашни ангажмани и резултати на Сајкоски кој има искуство и како претседател на Општински комитети во ВМРО-ДПМНЕ.
„Во однос на носител во петтата Изборна единица можам да го потврдам Ѓорѓија Сајкоски, генералниот секретар на партијата ВМРО-ДПМНЕ за носител во петтата Изборна единица. Сметам дека имаме одлично решение, тој долги години беше еден од најуспешните претседатели на Општински комитети во ВМРО-ДПМНЕ, го водеше Општинскиот комитет во Кичево кој секогаш постигнува фантастични резултати за ВМРО-ДПМНЕ. Како генерален секретар е дел од оваа нова приказна на ВМРО-ДПМНЕ, која ќе значи убедлива победа на претседателските и парламентарни избори. Така што во петка одиме со Сајкоски“, истакна Николоски.
Како што потврди Николовски во недела ВМРО-ДПМНЕ ќе ја промовира програмата за претстојните избори и дополни дека ќе има и промоција на пратеници, откако ќе ги достават листите до ДИК, и тие ќе бидат прифатени, како што налагаат законите.
Инаку лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, минатата недела ги објави носителите на листи за претстојните парламентарни избори на партијата и коалицијата, и како што е познато, Мицкоски ќе биде носител во првата изборна единица, во втората прв на листата ќе биде потпретседателот на партијата Владо Мисајловски, во третата Драган Ковачки, во четвртата потпретседателот Александар Николоски, додека во шестата изборна единица носител ќе биде Дафина Стојановска.
СДСМ, пак, на конгрес в сабота ќе објави кого сè ќе одлучат да вклучат во изборната трка иако медиумите деновиве неофицијално ги објавија имињата на лицата за кои во кулоарите се зборува дека ќе бидат највисоко на листа на социјалдемократите.
Два дена пред конгресот на СДСМ, претседателот на партијата Димитар Ковачевски, не сакаше да ги открие официјално носителите на листите за парламентарните избори и рече дека крајниот збор го имаат органите на партијата, а не само еден човек. Тој само потврди дека потпретседателката на партијата и директорка на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, сигурно ќе биде носител во една изборна единица, без да наведе во која. Коментирајќи ги информациите во јавноста дека Лукаревска е преместена во третата изборна единица, а дека во втората се враќа Оливер Спасовски, Ковачевски рече дека „никој никаде не е преместен“.
-Никој никаде не е преместен. Сите наши видни членови вршат функции кои имаат државно значење. Лукаревска е заменик-претседател на партијата и директор на УЈП, исклучително чесно и одговорно ја извршуваше својата работа во текот на мандатот и тоа многу јасно се гледа од анкетите и таа сигурно ќе биде носител на листа во една од изборните единици, но во која, тоа ќе оставиме да одлучат раководството на партијата, Централниот и Извршниот одбор, а на крајот, секако, и Конгресот.
Како што потврди Ковачевски во сабота, прво ќе се одржи состанок на ИО, потоа седница на ЦО, а во попладневните часови ќе почне и Конгресот. Ковачевски рече делегатите на конгресот ќе ги изберат најдобрите кандидати и изрази уверување дека тие на достоен начин ќе го претставуваат и СДСМ и нивната проевропска коалиција
Инаку, според неофицијални информации, лидерот Ковачевски ќе биде носител во првата изборна единица, а како коносител ќе ја има претседателката на коалициониот партнер ЛДП, Моника Зајкова, која ја потврди својата позиција. Први во двојката ќе бидат Сања Лукаревска и Фатмир Битиќи, додека во третата изборна единица предводници ќе бидат Љупчо Николовски и Оливер Спасовски, кој се сели од носителската позиција во втората изборна единица. Најверојатно, носител на четвртата изборна единица ќе биде поранешниот министер за здравство, Венко Филипче. За петтата изборна единица се споменуваат Јован Митрески и Бисера Костадиновска-Стојческа, а шестката е најнеизвесна, таму во игра се повеќе имиња, а најмногу се споменуваат Славјанка Петровска и Миле Зечевиќ.
И Движење ЗНАМ – За наша Македонија денеска најави дека в недела во СРЦ Кале ќе ги претстави кандидатите за носители на листи за пратеници во шесте изборни единици за Парламентарните избори. На прес-конференција Никола Мемов, портпарол на ЗНАМ, информираше дека партиските тела во четвртокот со акламација ја донеле одлуката за избор на носителите на листи.
Во петтата изборна единица листата ќе ја предводи Весна Бендевска, поранешна пратеничка и член на КСЗД, а носител на листата во Изборната единица 3 ќе биде Павле Арсовски, генерал-мајор во пензија и потпретседател на партијата. Носител на листата во Изборна единица 1 е Бобан Карапејовски, член на Извршниот одбор на Движењето ЗНАМ.
Носител на листата во Изборна единица (ИЕ) 6 е Небојша Захариевски, претседател на ОО Движење ЗНАМ-За наша Македонија-Тетово. Носител во четворката е Миле Цеков, претседател на ОО на Движењето ЗНАМ За наша Македонија-Струмица.
Во четвртокот и претседателскиот кандидат на албанската здружена опозиција-ВРЕДИ, Арбен Таравари ги соопшти нивните носители на изборните листи. Изет Меџити во првата ИЕ, во двојка Африм Гаши, во шестката Биљал Касами. Во петата ИЕ носител ќе биде од Алијанса за Албанците, но тој сè уште не е утврден.
М.С.