„На тој начин и самите менаџери на институциите ќе носат многу поголема одговорност кон програмата. Дали ќе се формираат како уметнички Совет, дали ќе има уметнички директор или ќе има креативен тим кој ќе ги изработува програмите во наредната година, тоа ќе биде слободен избор на самата институција“, објасни министерот Љутков за новата практика што ќе се применува првпат
Театрите во државата за првпат однaпред ќе добијат одреден буџет за своите проекти без да конкурираат, но на крајот на годината ќе мора да дадат и отчет за сè што сработиле. Ова го најави министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, при својата посета на Велешкиот театар. Според него, тимови од ресорното Министерство ќе вршат евалуација на сè што е направено со доделените средства во дадената институција, поточно за проектите кои се изработени и реализирани, колку карти се продадени, на колку фестивали бил театарот, колку успеси постигнал…
„На тој начин и самите менаџери на институциите, ќе носат многу поголема одговорност кон програмата. Дали ќе се формираат како уметнички Совет, дали ќе има уметнички директор или ќе има креативен тим кој ќе ги изработува програмите во наредната година, тоа ќе биде слободен избор на самата институција“, објасни министерот Љутков за новата практика.
Тој додаде и дека Министерството за култура и туризам кое ќе го следи овој процес, во однос на тоа како е завршена работата, таков буџет ќе им се додели и за наредната 2026 година.
Конкретно за НУ Театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес , министерот Љутков додаде дека во 2025 година ќе добие двојно поголем буџет за разлика од претходната 2024 година.
Директорот на Велешкиот театар, пак, Жарко Спасовски информира дека тие годинава по стариот начин конкурирале со пет претстави во кои соработуваат со режисерите Синиша Евтимов, Владимир Милчин, Александар Ивановски, Елеонора Теова и Борис Василевски.
„Тоа ни е спој на младоста и искуство, и верувам дека тие пет претстави со овие средства за кои информира министерот ќе ги реализираме, а минимум би имале две детски претстави бидејќи сакам да бидеме активни за таа наша млада публика, која е следната публика која би доаѓала во нашиот театар“, истакна Спасовски.
Тој додаде и дека веќе се поканети на неколку театарски фестивали, а во март ќе учествуваат на фестивал во Ниш. Имаат и покани за фестивалот во Лече во Италија, за кој сè уште се во преговори, како и на други театарски фестивали, кои претстојат.
Инаку, од Министерството посочуваат дека се очекува резултатите од годишната програма за финансирање на проекти од областа на културата да бидат објавени на 31 јануари.