Од 17 до 23 февруари, ќе се реализира манифестацијата насловена „Недела на театарот“, при што ќе бидат прикажани седум претстави и ќе се одржи панел-дискусија „Од Кир Јања“ до „Ученикот“. Освен претставите „Ученикот“ и „Бура“ од театарот „Војдан Чернодрински“, прилепската публика ќе ги проследи и гостувањата на театрите од целата држава. Театарот за деца и младинци ќе настапи со претставата „Роња“, театарот „Златен елец“ со „Хинкеман“, а Велешкиот театар ќе гостува со претставата „Вечера за глупаци“. Дел од програмата се и претставата „Кокошка“ на Битолскиот театар и „Чернодрински се враќа дома“ во изведба на ансамблот на МТЦ „Зона“
Театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп на 18 февруари одбележува 75 години од формирањето. По тој повод, од 17 до 23 февруари, ќе се реализира манифестацијата насловена „Недела на театарот“, при што ќе бидат прикажани седум претстави и ќе се одржи панел-дискусија „Од Кир Јања до Ученикот“. Освен претставите „Ученикот“ и „Бура“ од театарот „Војдан Чернодрински“, прилепската публика ќе ги проследи и гостувањата на театрите од целата држава.
Театарот за деца и младинци ќе настапи со претставата „Роња“, театарот „Златен елец“ со „Хинкеман“, а Велешкиот театар ќе гостува со претставата „Вечера за глупаци“. Дел од програмата се и претставата „Кокошка“ на Битолскиот театар и „Чернодрински се враќа дома“ во изведба на ансамблот на МТЦ „Зона“.
– Прилепскиот театар е формиран и работи од и со љубов кон театарската уметност. Седумдесет и пет години е голем јубилеј, кој ја заслужува сета почит и кон уметноста и кон сите што биле и се дел од ансамблот – рече Михајло Миленкоски, раководител на Прилепскиот театар, кој од 2004 година функционира во рамките на Центарот за култура „Марко Цепенков“.

Театарот „Војдан Чернодрински“, низ децениите, растејќи и развивајќи се преку претставите, отвораше вистински прашања, коментираше, просветлуваше, возбудуваше, откриваше, воспоставуваше систем на вредности, брануваше. Така е и сега и ќе продолжи во таа насока, бидејќи, како што велат актерите, тоа што го работат, го работат со љубов и со посветеност и покрај неповолните услови за работа (во стара зграда).
– Ансамблот сега, за жал, брои 11-мина вработени. Се надевам дека наскоро ќе се зголеми бројноста со вработување, пред сѐ, на млади актери и на театарски работници. Ние, како ансамбл, ќе им дадеме шанса на младите актери – додава Миленкоски.
Театарот сѐ уште функционира во старата, речиси руинирана зграда, иако има најави за нов театар.
Според Миленкоски, со проектна документација е аплицирано во Министерството за транспорт и врски. Проектот е поделен на два дела, реновирање на Центарот за култура „Марко Цепенков“ и доградба, односно градење нова зграда за Театарот.
– За реновирањето на ЦК „Марко Цепенков“, мислам дека е стигната дозволата за градба, а за театарот имаше технички промени. Тоа е изготвено и во тек е процедурата за дозвола за градба на театарската зграда. Се надеваме дека таа процедура ќе заврши побрзо и сето друго им останува на Министерството за култура и туризам и на Владата – објаснува Миленкоски.

Првата премиера на сцената од театарот „Војдан Чернодрински“ била „Кир Јања“ од Ј. С. Поповиќ, во режија на Аце Михајлоски, на 18 февруари 1950 година.
Досега Театарот прикажал околу 350 премиери со над 7.000 претстави, кои ги гледале над 1,7 милиони луѓе. Режирале 70-мина режисери, од кои најмногу, дури 62 претстави биле потпишани од Благоја Дамески, потоа 24 од Коле Ангеловски и од поновата историја, 15 претстави режирал Кирил Петрески. Од авторите, најмногу е поставуван Нушиќ, 15 пати, од кои три пати „Нажалена фамилија“.
Во седум и полдецениското опстојување, најгледана претстава во театарот „Војдан Чернодрински“ е „Солунски патрдии“ од Миле Попоски, во режија на Коле Ангеловски, премиерно изведена во 1984 година, изведена над 110 пати. Веднаш по неа е „Од кол на кол 1“ (2007/2008), исто така во режија на Коле Ангеловски.
Театарот постигна најголем успех со „Тапани во ноќта“, во режија на Мартин Кочовски, со која освои три награди на фестивалот МЕСС во Сараево и беше победник на 44. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ (2009). Исто така, „Кавкаскиот круг со креда“, во режија на Мартин Кочовски, во 2011 година беше прогласена за најдобра претстава на фестивалот „Екс Понто“ во Љубљана, Словенија, а потоа и за најдобра претстава на МТФ „Војдан Чернодрински“.
Театарот „Војдан Чернодрински“, низ годините, на сцената поставуваше праизведби на текстови од македонски драмски автори. Низ летописот на Театарот е забележано дека првиот драмски текст од македонски автор игран на сцената е „Бегалка“, во режија на Аце Михајловски, реализиран уште во првата година од постоењето на Театарот, текст што бил поставуван уште неколку пати. Праизведби доживеале и драмски текстови од: Коле Чашуле, Томе Арсовски, Блаже Алексоски, Благоја Ристески-Платнар, Трајче Крстески, Василе Димески, Петар Петрески итн… Биле поставувани пиеси од: Васил Иљоски, Ристо Крле, Антон Панов, Горан Стефановски, Јордан Плевнеш, Блаже Миневски, Никола Јонков Вапцаров, Живко Чинго, Братислав Димитров, Бранко Илиески…
Театарот „Војдан Чернодрински“, низ годините, има освоено повеќе награди на МТФ „Војдан Чернодрински“.
Минатата година, се закити со наградата од публиката за претставата „Дупло дно“, во режија на Наташа Поплавска. Претходно, претставата „Клетници“, во режија на Мартин Кочовски, беше прогласена за најдобра (2018). „Љубовни пози на историјата“, во режија на Наташа Поплавска, се закити со наградата за колективна игра (2017), а таа награда во 2015 година беше освоена со претставата „Сон на летната ноќ“, во режија на Нела Витошевиќ.
Во 2013 година, „Змејовата невеста“, во режија на Нела Витошевиќ, беше прогласена за најдобра претстава во целина, а во 2010 година – „Кавкаскиот круг со креда“, во режија на Мартин Кочовски.
Театарот „Војдан Чернодрински“ беше победник на МТФ и во 2009 година, со „Тапани во ноќта“, во режија на Мартин Кочовски. Во 1998 година, престижната награда ѝ беше доделена на претставата „Полковникот птица“, во режија на Владо Цветановски, а во 1972 година – на „Цена“, во режија на Ацо Алексов.
Првата награда на МТФ „Војдан Чернодрински“ беше освоена во 1970 година, за претставата „Од главата си патиме“, во режија на Ацо Алексов.