Во малата сала на Центарот за култура, Театар Куманово викендов ја имаше својата прва премиера за оваа година – претставата „Смрт и девојка“, која е реализирана со сопствени средства на институцијата.

Драмата „Смрт и девојка“ од аргентинскиот писател Ариел Дорфман, инспирирана од диктаторскиот режим на Пиноче во Чиле, во периодот од 1973 до 1990 година, отвора многу прашања поврзани со правдината, траумата, одмаздата, довербата, поддршката, проштевањето, помирувањето и ефикасноста на општествените системи праведно да управуваат со своите тешки, но многу важни прашања. Дејството во драмата се случува по падот на диктатурата во неименувана јужноамериканска земја, што ѝ дава универзалност на темата, при што фокусот е ставен на последиците од политичкото насилство врз поединците, а особено над жените. Една случајна средба ќе иницира конфронтација помеѓу минатото и сегашноста, ќе оживее најдлабоки стравови и гнев, поврзани со едно киднапирање и мачење за време на диктатурата.

-Драмата остава силен впечаток поради неизвесноста што го принудува гледачот да размислува за моралните дилеми, личната ангажираност и учество во општествените текови, особено ако се неизмерно тешки, но и поради својата актуелност, која, за жал, никако не поминува, се вели за претставата.

Режијата е на Мирослав Петковиќ, а во претставата играат Марко Трајковиќ, Владо Дојчиноски и Сања Русеска. Драматург е Сашо Костовски, костимограф Дарко Илиевски, видеодизајнот е на Мишо Димитријевски, инсталацијата на Крсто Богојевски, а дизајнот на плакат на Игор Спасовски и Мишо Димитријевски.

ИЗДВОЕНИ