Тажната судбина на загинатиот хрватски репрезентативец: Никола Покривач три пати ја победи тешката болест

76
EPA/VALDA KALNINA

Поранешниот хрватски фудбалски репрезентативец Никола Покривач (39) загина во сообраќајна несреќа во околината на Карловац, додека се враќал од тренинг во Војниќ. Во тешка сообраќајна несреќа што се случила во петокот вечерта во Карловац, животот го загубиле две лица, а три се повредени, соопшти Секторот за внатрешни работи Карловац. Несреќата се случила на обиколницата кај Турањ, при судир на четири патнички возила. Повредените се пренесени со возила на Итната медицинска помош во здравствена установа, каде им се укажува лекарска помош.

Сè укажува дека трагедијата настанала како последица на ризичен обид за престигнување на возачот на другиот автомобил, државјанин на БиХ. Тој исто така загинал по директниот судир со БМВ со загрепски регистарски таблички, во кое се наоѓал Покривач заедно со тројца соиграчи од НК Војниќ 95, пишува Јутарњи лист.

Двајца фудбалери Тин Џаферовиќ и Јосип Мохач се здобиле со тешки повреди опасни по живот, додека голманот Фрањо Беришиќ поминал со полесни повреди.

Со загинатиот граѓанин на БиХ во возилото било дете, малолетно девојче кое поминало без повреди.

Покривач, 15-кратен хрватски репрезентативец, играше за репрезентацијата од 2008 до 2010 година, а тешката болест го спречи да постигне поголеми успеси во кариерата веќе на 29 години.

Во 2015 година, му беше дијагностициран Хочкинов лимфом, една недела откако потпиша со Макаби од Петах Тиква. Следеа две тешки години за него. Беше подложен на хемотерапија, болеста не се предаваше, но ниту тој се откажа од фудбалот. Тој потпишал за Славен Белупо, а кога му се вратил ракот по трет пат, неговата мајка Ана му донираше коскена срцевина.

-Поради ќерка ми Ника не се предавав, поради неа надминав се, изјави тогаш Покривач.

Во својата кариера настапуваше за Динамо, Монако, Салцбург, Интер, Риека, Шахтјор и Славен Белупо. Во меѓувреме работеше и како тренер, беше помошник тренер во Рудеш.

ИЗДВОЕНИ