ТАВ Македонија во моментов работи на мастер планот за развој на авиосообраќајот во Македонија за наредните 20 до 30 години и се очекува кон крајот на октомври тој да биде презентиран пред Владата.
Се работи за план за зголемување на бројот на летови, зголемување на капацитетите на аеродромите, ефикасноста и можноста за железничко поврзување на аеродромите. Инаку, концесијата на ТАВ за Скопскиот и Охридскиот аеродром завршува во 2032 година, но оваа компанија уште отсега најавува дека има интерес повторно да ја добие концесијата и со тоа и управувањето со двата аеродроми во Македонија. Ова беше истакнато на прес конференцијата што се одржа во атрактивното турско летувалиште Анталија со менаџментот на ТАВ организирана за македонските новинари.
Новиот модел на субвенционирање на авио летови преку субвенционирање на авиокомпаниите ќе има огромен ефект за зголемување на бројот на авиокомпании, но и на дестинации од македонските аеродроми, смета директорот на ТАВ Македонија, Неџат Курт.
-Колку што сум информиран има многу заинтересирани авиокомпании кои аплицирале на повикот, но во моментов не може да откријам точно кои. Веруваме дека ќе има огромен ефект за зголемување на бројот како на авиокомпании, така и на нови дестинации без разлика дали тие нови дестинации ќе бидат од една иста компанија или од повеќе различни, изјави Курт. Тој нагласи дека пред да биде финализиран јавниот повик претставниците на ТАВ имале редовни состаноци со Комисијата од Министерството за транспорт и врски.
-Има пријавено авиокомпании кои се заинтересирани за дестинации кои претходно беа оперирани од аеродромите, но и за нови. Не би сакал да ги отривам имињата зошто сега се заинтересирани, вие можеби ќе објавите вест, а после можеби повеќе нема да бидат заинтересирани. Ние постојано градиме односи и преговараме со авиокомпаниите со министри, со амбасадори, особено со министрите за надворешни работи кога доаѓаат за отворање на некоја авиолинија која е барана. Имаме и наша програма за субвенции на авиокомпании, но сепак на крајот одлуката за тоа дали ќе се воведе некоја дестинација или не или, пак, дали некоја авиокомпанија ќе почне да оперира од аеродромите останува на самите авиокомпании ко ја носат финалната одлука. Се надевам дека ќе биде подобро. Ќе видиме каков ќе биде ефектот од субвенциите од Владата и како сето тоа ќе се проследи и ќе продолжи понатаму, рече Курт. Компанијата ТАВ од 2010 година до сега има вложено 7,5 милиони евра за субвенционирање на нови авио компании
-Овие субвенции се независно од оние што ги дава Владата. Субвенциите се со цел да привлечеме нови авиокомпании и да отвориме нови дестинации, додаде Курт. Прашан за текот на истрагата за инцидентот на македонското небо од 7 септември, Курт рече дека ТАВ е одговорен за авионите кога се на аеродромот, а инцидентот се случил при прелет. -За прелетите над нашата територија одговорна е М НАВ, а ние сме одговорни додека воздухопловите се на земја како аеродромски оператор. Штом ќе полетаат одговорноста е на контролата на летање, посочи Курт. Главниот извршен директор на ТАВ, Серкан Каптан потенцира дека ТАВ во моментов оперира со три аеродроми во регионот, – Скопје, Охрид и Загреб и планира да се прошири во Подгорица и Тиват. -Скопскиот и Охридскиот аеродром во Македонија беше нашата прва инвестиција на Балканот, а во 2014 година почнавме со оперирањето на Загрепскиот аеродром во Хрватска. Непосредно пред пандемијата имаше тендер за давање под концесија на аеродромите во Црна Гора во Подгорица и Тиват и ние сме меѓу трите компании кои беа во потесниот избор. Заради ковидот повикот беше прекинат, а од последната Влада на Црна Гора има најави дека ќе продожи пеоцесот. Очекуваме да заврши до крајот на годинава или на почетокот на 2025 година и се надеваме дека ќе заврши, рече Каптан. Тој посочи дека авиособраќајот во светот закрепнува по падот предизвикан од пандемијата и дека се очекува годинава целосно да се опорави на светско ниво и да има 9,7 милијарди патници во авиосообраќајот со што ќе се надмине 2019 година кога имаше 9,2 милијарди патници на светско ниво.
-На долг рок авиосообраќајот ќе продолжи да расте пред се поради растот на средната класа граѓани, но и поради нискобуџетните авикомпании и се очекува во наредните години да се превезуваат и по 20 милијарди патници годишно. Најмногу ќе расте во Азија и на Блискиот исток. Токму Блискиот Исток, како што кажа, ќе биде во фокусот на ТАВ. ТАВ во моментов управува со 15 аеродроми во 8 држави. Аеродромот во Анталија е најголем и превезува 20 милиони патници годишно. Во моментов се врши реконструкција на аеродромот вредна 2,5 милијарди евра, пари обезбедени од 12 разни банки заради добриот кредитен рејтинг што го имаат.
Директорот на Аеродромот во Анталија, Дениз Варол порача дека сакаат како најголем аеродром на Медитеранот да го пренесат своето знаење на македонските аеродроми со цел да привлечат што повеќе туристи. Најави дека наскоро на Аеродромот во Анталија ќе бидат поставени информативни табли за Скопскиот и Охридскиот аеродром со цел да се привлечат патници и туристи. Од Анталија во моментов има четири чартер летови за Скопскиот аеродром неделно, а целта е тој број да се зголеми. Во последниве неколку години најголем број од туристите што ја посетуваат нашата земја се токму од Турција.
-Маркетингот е најзначаен за развој на аердромите. Поради проблемите со визите Балканот е повторно актуелен за граѓаните од Турција. Анталија има три милиони жители, а со регионот достигнува до пет. Наскоро ќе поставиме панели за рекламирање на аеродромите во Скопје и во Охрид. Се трудиме преку маркетинг да ги привлечеме авиокомпаниите. Би ја промовирале Македонија како одлична дестинација, рече Варол. Инаку, бројот на патници превезени од двата македонски аеродроми во 2010 година беше 640.000, а лани 3,1 милион патници.
Во ТАВ Македонија работат повеќе од 1.000 вработени, а досегашните инвестиции во зградата, во опрема, во полетната патека, во даноци, во вработениците, концесија, во субвенционирање на авиокомпаниите, во новиот систем за прием на багажот… изнесуваат повеќе од 310 милиони евра. Во ТАВ аеродроми работаат вкупно 40.000 вработени во 90 различни земји, а лани годишниот приход беше 1,3 милијарди евра.
В.М.Б.