„ТАВ Македонија“, подружница на „ТАВ Аеродроми“, ја информира и ја предупредува јавноста дека има лажни страници и профили на социјалните мрежи, на кои наводно се продава изгубен багаж на Меѓународниот аеродром „Скопје“.
– Ова се лажни објави на социјалните мрежи, преку кои се шират лажни информации за наводна продажба на изгубен багаж во име на Меѓународниот аеродром „Скопје“, односно аеродромскиот оператор „ТАВ Македонија“. Понатаму се пренасочуваат корисниците на линкови до веб-страници каде што се бараат лични податоци и детали од банкарските сметки со цел да бидат измамени да направат трансакција. Затоа апелираме до јавноста да биде внимателна додека е онлајн, особено кога се бара да ги вметне своите лични податоци и детали за трансакциските сметки, кои може дополнително да бидат злоупотребени – велат од ТАВ.
Оттаму додаваат:
– Како сериозна и одговорна компанија, која се грижи за своите клиенти, „ТАВ Македонија“ ќе ги преземе сите правни мерки за заштита на својот углед, особено затоа што во аеродромската дејност, изгубениот багаж им се враќа на сопствениците во согласност со утврдената процедура, односно никогаш не се тргува со изгубениот багаж.
Дополнително, ја потсетуваме јавноста дека сите официјални информации и новости во врска со и за Меѓународниот аеродром „Скопје“ може да се најдат на веб-страницата на Меѓународниот аеродром „Скопје“ https://skp.airports.com.mk/mk-MK/, како и на нашите страници на социјалните мрежи: фејсбук-страница https://www.facebook.com/SkopjeAirport; инстаграм-страница https://www.instagram.com/skopjeairport/; и твитер-страница (X) https://x.com/skopjeairport.
Оттаму, исто така, посочуваат:
– Сите други веб-страници и страници на социјалните мрежи на кои може да наидат луѓето, лажно се претставуваат и немаат никаква врска со Меѓународниот аеродром „Скопје“ и со дејноста на „ТАВ Македонија“.