Новата сезона во Мото ГП шампионатот само што почна, а првата трка возена во Тајланд ја одбележаа браќата Маркез. Поискусниот од нив, Марк, имаше феноменален викенд, а откако победи во спринтот во саботата, се радуваше и на триумф во неделната трка, додека неговиот брат Алекс мораше да се задоволи со второто место на подиумот.

Легендарниот Шпанец Марк е на пат кон седмата титула во најсилната класа, а резултатите од првиот тркачки викенд би можеле да ни покажат дека е убедлив фаворит кога е во прашање генералниот пласман на крајот од целата сезона.

Возачот на Дукати, во кој се пресели по едногодишниот престој во Гресини и многу години поминати во Хонда пред тоа, многу брзо се приспособи на новиот мотоцикл и доминантно стигна до водечката позиција во шампионатот. Се добива впечаток дека сè уште има простор за напредок и дека Маркез и Дукати би можеле да ги откажат конкурентите за шампионската титула.

Најсреќен по првата трка сезонава беше таткото на браќата Маркез, Хулио, кој, како и секој, реагираше мошне емотивно по неверојатниот момент за нивното семејство.

  • Моето срце експлодира веќе во саботата, а потоа повторно во неделата. Тоа е прекрасно чувство и навистина сум пресреќен. Знаев дека Марк ќе биде силен со Дукати, бидејќи моторот е конкурентен и тој се врати посилен од кога било, изјави Хулио Маркез за „Скај спортс“.

Третото место му припадна на Франческо Бањаја.

  • Марк цела трка си играше со нас. Кога реши да замине, ми направи разлика од 2,3 секунди за само три круга, ја потврди доминацијата на Маркез искусниот Бањаја.

Четврти беше Франко Морбидели, додека петтото место му припадна на Аи Огура, кој како дебитант во најсилната конкуренција имаше исклучително добар тркачки викенд. Првите десет места на трката за Големата награда на Тајланд ги пополнија Марко Бецеки, Жоан Зарко, Бред Биндер, Енеа Бастијанини и Фабио ди Џанантонио.

Сезоната продолжува со трката за ГН на Аргентина на 16 март.

ИЗДВОЕНИ