Таравари ветува: Повеќе нема да се случи дефицит на лекови на Онкологија

147

Поголемиот дел од биолошката терапија која недостасуваше на Клиниката за Онкологија пристигна денеска, а дел ќе пристигне утре, изјави министерот за здравство Арбен Таравари.

Вети дека со планирањето на набавките за оваа година нема повеќе да се случи да има дефицит на лекови за болните од карцином.

-Првпат се случува за наше време, 10 дена да нема терапија. Меѓутоа, да не заборавиме, 95 проценти од пациентите се третираат и имаат терапија, недостасуваше за пет отсто. И да не заборавиме оваа набавка што ние сега ја користиме, не сме ја направиле ние, туку е направена од пред нас, меѓутоа тоа е неважно за пациентите. Битно за пациентите е тие да имаат терапија. Се работи за околу 20, 30 пациенти, меѓутоа и еден пациент да е – многу е. И затоа даваме максимални напори од идната недела сите да бидат третирани, одговори Таравари

Околу информации дека се трошат последни количини на имунолошка терапија на Онкологија, министерот изрази надеж дека ќе нема криза.

– Јас се надевам дека и тоа ќе бидеме покриени набргу и нема да има криза. Така да, се обидуваме да згасиме пожари што се предизвикани однапред, значи овие тендери за оваа количина на лекови, јас не сакам сега да изнаоѓаме кој е крив, не е битно тоа за пациентите, тие си бараат лекови и третман. Меѓутоа со новото снабдување на лекови, јас се надевам дека нема да се случи идната година, повторно јануари, февраури, да недостасуваат одредени лекови, одговори Таравари на новинарско прашање.

Прашан за коментар во врска со апсењето на долгогодишен лекар хирург во Хируршко одделение во болницата во Битола поради примање мито, Таравари рече дека добиле пријави во министерството и ги информирале директорите.

Министерот вели дека непобитен факт е дека постои мито во здравството, но мора да има докази и ги охрабрува сите кои имаат информации да ги пријават во надлежните институции. Лани во јули Министерството за здравство го објави телефонскиот број 072/899-001 на кој граѓаните ќе можат да пријават проблеми и сугестии за работата на здравствените институции и персоналот.

ИЗДВОЕНИ