Неизвесно е по кој пат ќе тргне коалицијата |
Министерот за здравство, Арбен Таравари, не планира излегување од Владата, но неизвесно е каков статус ќе има делот од Алијанса за Албанците што го предводи тој во коалицијата „Вреди“. Таравари, на денешниот брифинг, рече дека напуштањето на Владата не е опција за која се размислува.
– Не планираме такво нешто – подвлече вчера Таравари.
Тој додаде дека премиерот Христијан Мицкоски со право има одредени услови што ги бара за да се случат уставни промени.
– Мислам дека сосема е во право за тоа. Без согласност од ВМРО-ДПМНЕ, не можат да се случат уставни промени. Треба да видиме кои се можните опции за да се помогне овој процес од сите страни за Македонија што побрзо да ги започне преговорите со Европската Унија – објасни министерот за здравство.
Но, од друга страна, тој синоќа отвори бројни дилеми околу тоа што се случува во меѓупартиските релации во коалицијата „Вреди“, која е дел од владиното мнозинство. Во интервјуто за емисијата „360 степени“, тој оцени дека „од 100 километри се гледа неусогласеноста на ‘Вреди’ во Владата. Мислењето не било само негово лично туку го темели и на анкети спроведени, пред сѐ, меѓу Албанците во земјава. Според него, коалицијата функционира „тромо“ и треба да се најде модел за подобра синхронизација.
– Јас мислам дека имаме многу недостатоци. Тоа не е толку до премиерот Мицкоски колку што е до нас. Постои некаква неусогласеност што се гледа од 100 километри, дека многу бавно функционираме. Впечаток е кај народот, што е најлошо за нас, дека „Вреди“ има многу слаба позиција во Владата. Само што направив три анкети, меѓу, генерално, анкетирани Албанци. Впечатокот на околу 70 отсто од населението Албанци е дека „Вреди“ не функционира добро, не е задоволувачко претставувањето на Албанците во Владата – вели тој.
Таравари смета дека еден од главните проблеми е некомпетентноста на кадровските решенија на „Вреди“.
– Јас мислам дека статусот на Албанците во Македонија не е лош. Никогаш не се случило да има еден ваков коректен однос на премиер кон коалициските партнери. Ова е суперкоректно, да бидам искрен докрај. Меѓутоа, директори, заменик-директори, заминик-министри, јас мислам дека не функционира баш како што треба. Меѓутоа, подолу, нам ни треба, на пример, ете ќе земам се ставаат табли по патиштата, од тријазични – двојазични и треба ние да се занимаваме со медиуми по два-три дена, со прес-конференции ДУИ, па „Вреди“, за работи што се навистина банални. Подолу кога одиме, не е тоа мој впечаток, тоа е генерален впечаток, дека не е баш како што треба, а може да биде многу подобро – рече Таравари во интервјуто.
Тој потврдува дека на состаноците со другите лидери од коалицијата „Вреди“ предложил самостоен настап на секоја од четирите партии на советничките листи, а заеднички кандидати за градоначалници, што било отфрлено од партнерите во коалицијата. Освен ова, на прашањето дали има контакти со ДУИ, Таравари рече дека има канали за комуникација.
– Видете, канали на комуникација постоеле и не верувам дека некои од партиите немаат. Знаете како е, ова е мала држава, така што има одредени луѓе што комуницираат и ме информираат дека комуницираат, нормално. Дали сме договорени, кога ќе се договориме, јавно ќе го направиме тоа, нема што да криеме. Не дека има само со Алијанса, ДУИ сигурно има комуникација и со другите партии од „Вреди“. Тоа е неспорно и постојат такви информации, но тоа е небитно. На крајот на краиштата, јас сакам „Вреди“ да направи добар резултат, меѓутоа сакам и Алијанса за Албанците да има добар резултат, секако како што сака и Билал Касами за Беса, како што сака Зеќирија Ибраими за Алтернатива, Изет Меџити за својата партија. Тоа е нормално – рече Таравари.
Но, ваквите негови ставови вчера предизвикаа реакција кај другите партнери во коалицијата „Вреди“, при што лидерите на три партии, Изет Меџити, Билал Касами и Зекирие Ибрахими, експресно се оградија од Таравари. Демократското движење, Беса и Алтернатива се децидни дека немаат никаква соработка со ДУИ и со Ахмети. Со ова, трите партнери дополнително се дистанцираа од Таравари откако се разидоа со него за тоа дали на претстојните локални избори наесен, треба да настапат на една листа како „Вреди“, наспроти предлогот на лидерот на дел од Алијанса за Албанците дека треба да одат со посебни советнички листи.
– Демократското движење (ДД) ги отфрла сите шпекулации дека има комуникација со претседателот на ДУИ, Али Ахмети. ДД нема и нема да има никаков вид соработка со корумпирана партија, чии врвни функционери се ставени на црната листа на САД за корупција. Демократското движење јасно и недвосмислено се дистанцира од која било политичка структура која корупцијата ја претвори во владеење, а државата во алатка за лично богатење. ДД останува цврста во својата визија за чиста, некорумпирана политика и политика во служба на граѓаните – велат од партијата на Меџити.
Со бурна реакција се јави и Алтернатива, од каде што тврдат дека немаат комуникација со ДУИ на ниту едно ниво.
– Со цел да се разјасни мислењето, но и да биде коректно со партиските органи и структури, како и со членството и поддржувачите, јавно изјавуваме дека Алтернатива нема комуникација на ниту едно ниво и преку кој било канал со ДУИ. Останувајќи доследен на ставот дека „Вреди“ е коалиција изградена за афирмација на вредностите на новиот политички морал и за воспоставување нови политички стандарди, Алтернатива цени дека за заштита на албанските интереси е во комуникација само со народот – велат од Алтернатива.
И од партијата на Касами се оградија од изјавата на Таравари.
– Без да сакаме да го прејудицираме точното значење на изјавата на Таравари дека, покрај него, со Али Ахмети комуникација имаат и другите лидери на „Вреди“, поради вистината за членовите на движењето Беса, партиските органи и нашите поддржувачи, мора да појасниме дека ниту претседателот Билал Касами, ниту кој било друг експонент на движењето Беса има комуникација со ДУИ – велат од Беса.
Аналитичарите, пак, оценуваат дека со своите постапки Таравари практично го исцртува патот за излегување од редовите на „Вреди“.
– Секогаш сум бил против изнесувањето на внатрешните разидувања на јавна сцена, бидејќи тоа не придонесува за нивно решавање, туку напротив – ги продлабочува. Овој начин на комуникација повеќе личи на подготовка за разделба отколку на конструктивно барање решение. Последните изјави на Арбен Таравари околу коалицијата „Вреди“ јасно покажуваат дека довербата и стабилноста во рамките на оваа политичка структура се значително разнишани. Од почетокот на оваа коалиција, јасно беше дека таа е составена од различни политички субјекти со различни визии, но некои од нив покажуваат дека не може да се одржат во рамките на заедничката стратегија. Не верувам дека Таравари уште долго ќе остане дел од коалицијата „Вреди“. Динамиката на неговите последни настапи и изјави укажува дека е прашање на денови кога ќе дојде до официјално разидување. Политичката сцена е јасна – „Вреди“ продолжува со своите визија и програма, но некои поединци, очигледно, веќе бараат начин да се дистанцираат и да ја оправдаат својата идна одлука – смета аналитичарот Џенур Исени во изјавата за весникот ВЕЧЕР. (Б. Ѓ.)