Алијансата за Албанците веќе не располага со директорската позиција во Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ во скопската општина Ѓорче Петров, што досега ѝ припаѓаше по распределбата на функциите во владините ешалони. Од неодамна, со оваа болничка институција раководи примариус доктор Ленче Нелоска, досегашен претседател на Советот на општина Ѓорѓе Петров од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Нелоска беше на чело на оваа болница и пред неколку години, пред доаѓањето на власт на коалицијата СДСМ и ДУИ во 2017 година. Таа е именувана како вршител на должноста директор, а интересно е дека решението за нејзиното именување го донел актуелниот министер за здравство Арбен Таравари, лидер на крилото на Алијанса за Албанците, кое е сè уште дел од владината коалиција. Претходно, на чело на оваа болничка институција беше кадар на АА, Мусхин Арифи, кој на почетокот на месецов беше приведен со уште едно лице од страна на полицијата поради барање мито од 100.000 евра за сместување на тешко болен постар пациент.
До именувањето на нов партиски кадар во специјализираната болница доаѓа во ситуација кога Таравари реши АА да ја напушти коалицијата Влен, но и кога се исчекува одлуката на премиерот Христијан Мицкоски дали неговото крило и натаму ќе биде дел од владиното мнозинство. Ова го отвора прашањето дали Таравари немал соодветно кадровско решение во партијата кои би ја наследило функцијата или, пак, тоа е сигнал за „престројување“ во владините редови.
Таравари вчера изјави дека „АА ќе излезе од Владата само доколку премиерот смета дека во неа веќе не е потребна“. Тој наведе дека премиерот е тој што формира Влада и никој друг нема право да кажува освен него. На новинарското прашање дали излегувањето од коалицијата Вреди, значи и излез од Владата, Таравари одговори дека тоа не мора да значи.
-Ние како политичка партија одлучивме да излеземе со сопствени советнички листи исто како што одлучи и ЗНАМ, со меѓусебна поддршка со ВМРО-ДПМНЕ. Истото го понудивме и на Вреди. Гледам емотивни реакции од тоа што остана во Вреди. Во периодов треба да бидеме внимателни и умни и да се обидеме да бидеме порационални бидејќи се работи за политика. Не сакам да давам прогнози и гледам што пооправдано да носам одлуки. На крајот на краиштата, доколку во Вреди се одлучни за тоа што зборуваат во последните денови, ние како партија ќе ги видиме нашите опции за кандидатите за градоначалници – кажа Таравари при посетата на кумановската болница.
Тој додаде дека „Владата ја прави премиерот“.
-Ние сме разговарале со него и повторно ќе разговараме, доколку тој смета дека АА не треба ние немаме никаков проблем – рече Таравари.
Завчера и вицепремиерот и министер задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, изјави дека членовите на Владата од Алијанса за Албанците на Таравари засега остануваат во владиниот тим и дека нивната работа во извршната власт продолжува нормално. Претходно, останатите партнери во коалицијата Вреди, но и од Движењето ЗНАМ соопштија дека не може да се соработува со „партнерот кој решил да соработува со опозициската ДУИ“.
Од друга страна, претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши, од редовите на Алтернатива, која е дел од коалицијата Вреди, вчера рече дека „засега нема нова распределба на пратеници во собраниските редови. Односно, нема најави дека петмина пратеници на АА на Таравари би можеле да формираат самостојна пратеничка група.
– Сега засега во Собранието е статус-кво во однос на нова распределба на пратениците, сè е како што било. Значи, сите пратенички групи кои се формирале на почетокот на овој нов собраниски состав продолжуваат да работат, а ако имаме нови промени ќе треба тоа официјално да го достават до службите и до мене, за да ги информирам потоа другите пратенички групи и пратеници, рече Гаши на брифингот со новинарите.
Тој додаде дека „не верува дека Собранието ќе се блокира во случај на осамостојувањето на петтемина пратеници од аспект на примената на „Бадентеревиот принцип“.
-Но, да почекаме. Од почеток кога сме ја формирале партијата Алтернатива, сме настојувале за соединување заради изборниот модел и расцепканоста на партиите на Албанците. Окрупнувањето е битно и заради граѓаните. Ситуацијата во македонскиот блок е подобра бидејќи таму име два блока кои се стабилни предводени од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Во албанскиот блок имаше партии кои биле силни, а сега се минорни или речиси не постојат како ПДП и ДПА. Тоа дава политичка нестабилност. Тоа што АА одлучија посебно да одат на избори, односно, да не останат во коалицијата е нивна одлука и секој си ја сноси својата одговорност пред гласачите. Немав лична комуникација со Таравари и не учествувам на состаноците и се обидувам да бидам мост меѓу партиите – рече вчера Гаши. (Б.Ѓ.)