Таравари на две столчиња, ја клати четирипартиската коалиција

643

Распад или некакво натамошно одржување на разнишаната коалиција е изборот што треба да го направат лидерите на три партии од коалицијата „Вреди“ денеска попладне, по одлуката на крилото на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари да настапи самостојно на локалните избори. Лидерот на Демократското движење и владин вицепремиер, Изет Меџити, денеска изјави дека ќе донесат заеднички став по одлуката на АА.

– Ќе има седница на „Вреди“, по што ќе бидат информирани медиумите и јавноста за ставовите на „Вреди“ околу ова прашање – изјави првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, пред средбата.

До ова доаѓа откако крилото на Таравари, на седницата во Тетово во вторникот, донесе одлука со која на октомвриските избори ќе учествува со свои листи за советници, но нема да излезе од досегашната коалиција „Вреди“, која е дел од владиното мнозинство.

– Алијанса за Албанците дефинитивно во сите општини ќе излезе со сопствена листа со советници, мислам на општините каде што се натпреваруваат Албанците, во западниот дел од државата. Алијанса за Албанците, од почетокот на мај, ќе почне на терен да ги формира своите штабови и да комуницира со политичкиот актив – кажа Таравари.

Тој потенцира дека ваквата одлука не значи напуштање на коалицијата „Вреди“.

– Ние излегуваме со наши листи, ова е нашиот заклучок. Ние мора да излеземе со наши советнички листи, така одлучивме, а за соработка ние сме и така во „Вреди“, нема што да излегуваме од „Вреди“ – кажа тој.

Во однос на кандидирањето градоначалници, одлука и прексиноќа не била донесена, но од АА во рамките на коалицијата предложиле кандидатите за градоначалници да бидат избрани преку сондажи и анкети. Меѓутоа, ваквиот нивни предлог наишол на негативен одговор.

– Ние во „Вреди“ побаравме алатка да биде сондажата или анкетата, да ги избереме најдобрите. Беше одбиено тоа, што не е прифатливо за нас, четворица да седнат и да одлучат: ти ја земаш таа општина, јас таа општина. Локалните избори се малку поинакви. Не може да очекуваат од коалицијата „Вреди“ за кандидати градоначалници без одржани анкети за јавното мислење. Се бара оној што има поддршка без разлика од која партија е, некаде, можеби, кандидатот треба да биде и непартиски. Така што, за нас, дефинитивно е дека одиме со листи, а за кандидатите ќе видиме – нагласи актуелниот министер за здравство.

Тој повтори дека ваквиот став за самостоен настап на локалните избори го имале уште минатата година.

– Ако другите партнери од коалицијата решат да нè исклучат, ние ќе одговориме со своја одлука. Во Владата има повеќе партии и една од нив е Алијанса за Албанците. Така што не гледам дека ова би било причина за излегување од Владата – објасни Таравари.

Околу можноста за соработка и соединување со крилото на Алијанса за Албанците предводено од Зијадин Села,  Таравари одговори дека „оваа куќа е отворена и голема“ и дека сите се добредојдени.

– Знаете, Исен Шабани, градоначалникот на Општина Врапчиште, дојде пред десетина дена, дојдени се многу активисти што биле од Алијанса, се враќаат многу што апстинирале три-четири години, куќата е голема и добредојдени се сите – рече тој.

Проблемите во коалицијата „Вреди“ започнаа неодамна, откако во едно интервју Таравари отворено кажа дека таа не функционира добро и дека постојат разлики околу настапот на локалните избори. Ваквите ставови повлекоа реакции кај другите партнери, по што вицепремиерот Изет Меџити му порача дека треба да донесе конечна одлука дали ќе остане во нивните редови или ќе заврши во „канџите на ДУИ“.

– Тие сами треба да разјаснат дали се дел од „Вреди“ или одат со ДУИ. Сега е време да ги освоиме општините за да ја докажеме својата легитимност како „Вреди“ и мислам дека немаме комфор да се мериме едни со други, да се натпреваруваме меѓу себе. Ако сега некој ја анализира ситуацијата, единствена можност да се врати ДУИ во власта е поделба на „Вреди“ – рече деновиве Меџити.

Тој откри дека од коалицијата на АА на Таравари им понудиле да добијат 35 проценти од кандидатите, што било фаворизирање.

– Ние ја сакаме Алијанса во „Вреди“, но не Алијанса што ја има и ДУИ како опција. Тогаш се губи смислата на промената – рече Меџити, со оценка дека коалицијата „Вреди“ ќе излезе поконсолидирана од целата оваа ситуација.

Политичките аналитичари оценуваат дека одлуката на АА е недвосмислено дистанцирање од коалицијата „Вреди“.

– Одлуката на Арбен Таравари да настапи со одвоени листи на претстојните локални избори претставува јасна политичка дистанца од платформата и од стратешките определби на коалицијата „Вреди“. Иако тој формално тврди дека останува во рамките на коалицијата, суштински гледано, ваквиот чекор претставува де факто напуштање на „Вреди“. Оваа одлука е обид за задржување персонален политички капитал преку создавање конфликтна динамика внатре во коалицијата. Таравари, всушност, се обидува да ја префрли вината за својата изолација врз другите лидери на „Вреди“, презентирајќи наратив дека тој „не излегува“, туку дека наводно е „избркан“. Тоа е класичен политички маневар со цел да се добие позиција на жртва и да се мобилизира симпатијата од одредени сегменти на гласачи – вели аналитичарот Џенур Исени во изјава за ВЕЧЕР.

Тој додава дека политичката реалност е појасна од кога било, со настап со одвоени листи.

– Таравари ја губи суштинската врска со коалицискиот дух, заедничката политичка понуда и со програмските определби на „Вреди“. Во практика, тоа е акт на одвојување и индивидуализација на политичкиот настап. Затоа се очекува лидерите на „Вреди“ да заземат јасен и транспарентен став во врска со ова прашање, вклучително и иницирање процес за исклучување Таравари од коалицијата – потенцира овој аналитичар.

И аналитичарот Сефер Селими, во изјава за медиумите, наведува дека е очигледно дека коалицијата „Вреди“ е пред распад во овој формат во кој функционираше во власта.

– Одлуката оди сосема спротивно на тоа за што беше формирана „Вреди“ и со неа топката се префрла кај нив, за  лидерите на трите партии да ја донесат финалната одлука за растурање на коалицијата и за крај на соработката, при што двете страни се обидуваат стратешки да го изведат подобро за да не бидат виновни тие за распадот – наведува тој. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ