Министерот за здравство, Арбен Таравари, потпиша решение со кое досегашната директорка на детската болница „Козле“, д-р Каролина Симоновска, е разрешена од функцијата, а на нејзино место е назначена професорката Катерина Бошковска.
Нејзината функција беше проследена со серија скандали, меѓу кои најзначајно беше распаѓањето на бронхоскопскиот оддел, како и меѓучовечките несогласувања во институцијата. Тензиите кулминираа со нејзиното барање до медиумите да не го споменуваат нејзиното име, иако е директорка на јавна здравствена установа.
– Јас, д-р Каролина Симоновска, именувана за в.д. директор во ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата Козле – Скопје, под целосна материјална, морална и професионална одговорност, изјавувам дека не се согласувам и во ниту еден случај не давам согласност моите име и презиме и професионалност да бидат објавувани по медиумите. Особено, во ниту еден случај моите име и презиме и мојата професионалност да бидат злоупотребувани на начин што неовластено и во контекст на невистинити објави ќе бидат употребувани јавно по медиумите. Секоја постапка спротивна на горенаведеното претставува нарушување на мојот професионален, личен и морален интегритет и притоа го задржувам правото да ги преземам сите законски мерки за секој обид на манипулација или неовластена употреба на моите име и презиме – напиша д-р Каролина Симоновска во мејлот до медиумите.
Во последниот период, медицинскиот персонал од болницата алармираше за внатрешни проблеми, што доведе до зголемени реакции во јавноста. Последна беше одлуката за отказно решение на д-р Веселинка Митровска-Јосифовска, реномиран ОРЛ-специјалист и бронхоскопист со долгогодишно искуство, по што лекарскиот колегиум на Клиниката побара итно разрешување на в.д. диреторката Симоновска и итно враќање на докторката на работа.