Водачот на талибанците Хибатула Ахунџада издаде директива со која се забранува поставување на прозорци во станбените згради кои гледаат на соседните куќи каде живеат жени.
Оваа наредба, која талибанците ја наведуваат како мерка за „зачувување на приватноста и заштита на жените од потенцијални штетни дејствија“, носи нови, строги ограничувања за сопствениците на имот, јавува телевизијата на арапски јазик АМУ, пренесува Танјуг.
Според новите правила, луѓето кои градат куќи не смеат да поставуваат прозорци кои гледаат кон дворовите или просторите за живеење на соседните згради каде што се наоѓаат жени.
Во уредбата се наведува и дека доколку постоечка зграда има прозорци кои не се во согласност со новата регулатива, сопственикот е должен да го блокира погледот со подигање ѕид или со употреба на соодветни покривки.
Тоа значи дека правилата се применуваат ретроактивно и дека зградите што биле изградени пред оваа директива мора да бидат изменети за да се усогласат со новата регулатива.