Талентираните центарски ученици ќе добијат стипендии

14

Tалентираните ученици од областа на културата, спортот, науката, техниката и посебните вештини, од сите осум основни училишта на територијата на општина Центар ќе добиваат стипендии. За таа цел, Општина Центар распиша оглас на кој ќе можат да аплицираат заинтересираните ученици.

Учениците ќе може да поднесат документи само на еден оглас од областа на култура, науки, техника и посебни вештини или спорт. Доколку ученикот поднесе документи во различни категории, истите нема да се разгледуваат. Комисијата при изборот на ученици  стипендисти ќе го вреднува успехот постигнат во последните три учебни години.

Стипендиите за учениците од областа на науката, техниката и посебните вештини изнесуваат од 3.000 до 3.500 денари месечно, за учениците од областа на културата 2.500 и 3.000 денари месечно и за талентираните спортисти, стипендијата изнесува од 2.500 до 3.500 денари месечно за осум месеци во текот на учебната 2024/2025 година.

Од Општина Центар велат дека имаат за цел од секое училиште да се избере најмалку еден ученик, иден стипендист, кој во наведениот период постигнал одредени резултати и ги исполнува условите на огласот.

– Доколку од некое училиште нема ученик што целосно ги исполнува критериумите и условите, Комисијата ќе избере ученик што покажал највисоки резултати на одредени натпреварувања и својата одлука за тоа му ја доставува на градоначалникот за донесување решение – појаснуваат од Општина Центар.