Такер Карлсон, американски коментатор и поранешен водител на Fox News, повторно ја посети Москва. Тој доцна синоќа на платформата Х објави дека се вратил во Русија за да го интервјуира министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, министер со најдолг стаж во светот.
„Се вративме во Москва за да го интервјуираме рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, министерот за надворешни работи со најдолг стаж во светот“, рече Карлсон, додавајќи дека интервјуто ќе го објави „наскоро“. Во февруари оваа година тој го интервјуираше рускиот претседател Владимир Путин во Кремљ.
We’re back in Moscow. Here’s why. pic.twitter.com/7FfBhcaIUu
— Tucker Carlson (@TuckerCarlson) December 3, 2024
Сега тој вели дека ќе разговара со рускиот министер за надворешни работи за да ја расветли „руската перспектива“ за тековната војна со Украина. Да потсетиме, Русија во февруари 2022 година започна инвазија на соседна Украина.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денеска изјави дека интервјуто било „обемно“ и дека траело „час и половина“ и опфаќало теми од „модерната, понова историја на тешките односи со САД, влијанието на сето ова врз светската геополитика и идната состојба на работите“.
Карлсон го критикуваше пристапот на администрацијата на Џо Бајден кон Москва за време на конфликтот, тврдејќи дека тој пристап ги довел САД „опасно блиску до нуклеарен конфликт со Русија“.
„Ние сме во жешка војна со Русија, иако тоа не го знаат повеќето Американци“, рече Карлсон.
Тој, исто така, го обвини претседателот Бајден за неодамнешната одлука да и дозволи на Украина да користи американско оружје за да ја нападне руската територија, велејќи дека тоа „го става САД поблиску до нуклеарна војна од кога било досега во историјата“.