Балканското ТВ-шоу „Никогаш не е доцна“ („Никад није касно“, телевизија „Сител“, недела навечер) се врати на малите екрани, и во Македонија, по двонеделната пауза поради трагичната смрт на легендарниот Саша Поповиќ. Сепак, во емисијата што ја гледавме минатата недела не беше присутен шоуменот Жика Јакшиќ, кој сè уште емотивно закрепнува поради губењето на пријателот и колега Саша.
Овој пат во шоуто свои многу впечатливи настапи имаа нашите Македонци: Кире Науновски од Свети Николе и Тони Тушев од Тетово. Двајцата Македонци имаа музички дуел со кој никого не оставија рамнодушен. Напротив. Обајцата пееја речиси брилијантно, држејќи се одлично на грандиозната сцена. Според многубројните критики, коментари и кажувања за Кире и за Тони, и покрај „двобојот“, публиката мораше да се одлучи за еден од нив. Така што само еден од нив отиде директно во следниот круг.Кире се претстави со песна од репертоарот на пејачот Маринко Роквиќ, „Да волим другу не могу“. Неговото пеење ја освои пејачката Милица Тодоровиќ, која беше дел од жирито.
– Така е, Кире, така се пее, тоа е Македонија. Така е момци Македонци – милозвучно и громогласно реагираше воодушевената Милица.
Маре, претседателот на жирито, беше посмирен, па додаде дека ова пеење е прекрасно сеќавање на покојниот фолкер Роквиќ.За разлика од Кире, тетовецот Тони ја испеа македонската песна „Море сокол пие вода на Вардарот“. И од оваа песна Милица беше многу воодушевена.
– Некако, двајцата бевте во своите најдобри изданија и со тоа докажавте дека Македонија има огромен број добри пејачи на така мал број жители. Секоја чест, ќе ја имаме најтешката задача вечерва – потенцира Маре.
До самиот крај беше сосема неизвесно кој ќе победи. Сепак, оркестарот и публиката гласаа за Кире, додека Милица и Маре му ги дадоа гласовите на Тони. На тој начин, Кире помина во следниот круг, додека Тони заврши во баражот, да се бори да мине во наредниот круг од омиленото шоу „Никогаш не е доцна“.
Д. М.