Она што се најавуваше изминатите неколку дена, сега е официјално потврдено. Германскиот кошаркар Даниел Тајс потпиша договор со Монако до јуни 2026 година, соопштија од клубот.
Тајс (32) играчката кариера ја започна во Брауншвајг, а потоа играше во Германија за Улм и Бамберг. Од 2017 година играше во НБА за Бостон, Чикаго, Индијана, Хјустон, Лос Анџелес Клиперс и Њу Орлеанс.
На почетокот на февруари беше разменет од Њу Орлеанс во Оклахома, која потоа реши да го отпушти. Тој одигра вкупно 411 натпревари во НБА, со просек од 7,1 поен, 4,7 скока и 1,3 асистенции по натпревар.
Со репрезентацијата на Германија го освои златниот медал на Светското првенство во 2023 година, како и бронзата на ЕП 2022 година.