Напуштањето на претседателот на ДПА и пратеник, Мендух Тачи, на Европскиот фронт ја заниша иднината на албанската опозиција на политичка сцена во Македонија. Откако извори од ДПА за порталот на албански јазик ТетоваСот, потврдија дека Тачи го напушта фронтот и ќе има комуникација само со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, Ахмети изјави дека Тачи останува на линија со Европскиот фронт.
-Господинот Тачи е на линија со Европскиот фронт, нема дилема. Но, сега, за да се надополнат загубите и неуспесите, владиниот дел се држи за терцијарни работи, рече Ахмети.
Од Европскиот фронт денеска не ги коментираа информациите за излегувањето на Тачи, додека од ДПА најавија дека во блиска иднина ќе бидат објавени деталите за причините зад овој потег.
Портпаролот на ДУИ, Арбр Адеми, во изјава за МИА вели дека пратеничката група е функционална.
– Пратеничката група е функционална и работи во полн состав, одговорил кусо Адеми.
И Блерим Беџети од Европскиот фронт на прес-конференција во Собранието даде речиси идентичен одговор. На новинарско прашање зошто отсуствувал Тачи на настаните организирани од коалицијата, Беџети одговори дека и во други активности се случува да отсуствува некој од претседателите на политичките партии што го сочинуваат Европскиот фронт.
– Европскиот фронт го има истиот број на пратеници во Собранието. За други прашања или дилеми треба да се обратите до Мендух Тачи или до Али Ахмети. И во другите активности отсуствувал некој од претседателите на политичките партии што го сочинуваат Европскиот фронт. Ве уверувам дека тоа е нормално, секој со своите обврски и протоколарни средби може да отсуствува во некоја од средбите, рече Беџети.
Свое видување за овие случувања во албанската опозиција даде и првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, кој е дел од коалицијата Вреди. Коментирајќи го излегувањето на Мендух Тачи од Европскиот фронт, предводен од ДУИ, Меџити рече дека партиите во овој фронт не се споиле идеолошки, туку за да опстанат на политичка сцена. Тој истакна дека нема информација дека се преговара со Тачи за негово преминување во Вреди.
– Јас лично немам такви преговори. Како што и најавив пред некој месец, тие не се споија идеолошки или за повисоки цели, туку како да опстанат на политичката сцена, изјави Меџити и за наредниот период најави повеќе информации за тоа дали планираат да преговараат со пратеници од ДУИ за да преминат на страната на Вреди.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека Тачи пресметал дека политички за него е подобро да биде со власта, отколку со опозицијата, но вели дека е рано да се прогнозира кого ќе преговара, дали со Вреди, дали ќе прави и некоја друга комбинација, дали ќе дејствува како независна поддршка на власта во Парламентот… Арсовски смета дека излегувањето на Тачи од Европскиот фронт е дел од напорот на власта за двотретинско мнозинство и за одземање на прикаската за легитимитетот на ДУИ.
-Мислам дека кај Тачи во моментот, од негова гледна точка повеќе се работи за политички прагматизам, отколку за што било друго. Тој сега пресметал дека му е подобро да се биде со власта, отколку со опозицијата, и е рано да се прогнозира со кого ќе преговара, дали со Вреди, дали ќе прави и некоја друга комбинација, дали ќе дејствува како независна поддршка на власта во Парламентот… Но, се согласувам дека ова е дел од напорот на власта за двотретинско мнозинство и за одземање на прикаската за легитимитетот на ДУИ, затоа што за тоа е доволно излез на два-тројца пратеници од фронтот. Имајќи ја предвид тензичната ситуација помеѓу ДУИ и власта, тука мислам и на ВМРО-ДПМНЕ и на Вреди, логично е власта да притиска да се одземе приказната на ДУИ дека тие се легитимен претставник на Албанците во земјава.
Премиерот Христијан Мицкоски и неговиот владин партнер од коалицијата Вреди, Арбен Таравари во четвртокот оценија дека Демократската унија за интеграција и лидерот на партијата Али Ахмети полека се навикнуваат да бидат опозиција.
На овие случувања им претходеше повикот од страна на Европскиот фронт до Вреди да им се придружат во фронтот и заедно да му покажат на премиерот Христијан Мицкоски „каде му е местото“. Откако со месеци и пред и по изборите бараа да се почитува принципот „победник со победник“ за формирање на Владата, сега лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој е на кормилото на Европскиот фронт, рече дека не се заинтересирани да бидат дел од оваа влада, затоа што не се ничија резервна гума.
-Албанците и другите заедници не го заслужуваат овој презир и омаловажување. Воопшто не сме заинтересирани да бидеме дел од оваа влада. Ние не сме резервна гума за некој што има пречки и дефекти на патот да не користи, изјави Али Ахмети во средата.
Премиерот Христијан Мицкоски во неколку наврати демантираше дека е можна коалиција со ДУИ, и покрај тоа што нивните пратеници во Собранието на двапати дадоа поддршка за закони за кои беше потребно двотретинско мнозинство.
-Нашиот став за ова раководство на ДУИ ви е познат, јасен и нема што да додадеме на тоа прашање, порача деновиве Мицкоски на прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање.
Од коалицијата Вреди порачуваат дека остануваат во Влада за да ги испорачаат ветувањата. (В.С.Н.)