Taжна слика по големиот пожар – пеплосана внатрешноста на „Глобал“, штетите се огромни

394

Градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски кој веднаш беше на местото на несреќата изјави дека за среќа жртви нема, повреден е еден пожарникар, а причинета е голема материјална штета. Тој најави дека следниот период ќе треба да се прават анализи за причините за пожарот, увид од страна на инспектори за пожари се очекува да биде извршен утре, а Општина Струмица во рамките на своите можности ќе направи се да им помогне на сопствениците на дуќаните и тезгите во санирањето на штетите.  

Струмичани со неверување ја примија веста за несреќата и сочуствуваат со сопствениците на дуќаните и тезгите во „Глобал“. Велат дека половина Струмица егзистира од таму, како и дека трговскиот центар „беше голема гордост на градот Струмица“. Но, пожарот стана и тема за вербална пресметка на социјалните мрежи, па наместо поддршка за тимовите на струмичката противпожарна служба, како и екипите коишто дојдоа на помош, најчестите коментари беа со навредлива содржина

Тажна е сликата по пожарот кој во саботата пред полноќ избувна во трговскиот центар „Глобал“ во Струмица. Изгорени се повеќе трговски објекти и внатрешниот дел во којшто се наоѓаа продавници и тезги.

Пожарот од засега непознати причини избувнал во саботата во 23.12 часот, а борбата со пламените јазици веднаш ја почнаа пожарникарите од ТППЕ Струмица и траеше цели 5 часови.

– Согледувајки ја сериозноста и големината на пожарот веднаш е извршена мобилизација на целиот состав на единицата и тоа 38 пожарникари спасители и шест противпожарни возила. Побарана е помош од ТППЕ Радовиш со три противпожарни возила и шест пожарникари спасители, ТППЕ Кавадарци со три ПП возила и осум пожарникари спасители,  ТППЕ Валандово со три ПП возила и четири пожарникари спасители, ТППЕ Штип со едно ПП возило и пет пожарникари спасители и ЈПКД „Комуналец“ со две возила цистерни за дотур на вода. Извршено е гаснење на пожарот од три влеза и тоа од улиците „Ленинова“, „4 Јули“ и „Васил Сурчев“. Пожарот е изгаснат во 3.50 минути рано наутро во недела – информираа од ТППЕ Струмица.

Според Александар Гудев, командир на ТППЕ Струмица, пожарот во „Глобал“ бил пријавен од стражарската служба, а пожарникарите стасале за 3 минути. Најпрвин избувнал во делот каде се врши доставување на стока и брзо се проширил.

– Опожарена е една третина од Градскиот пазар, повеќе продавници на приземјето и првиот кат, како и на дел од вториот. При гаснењето е повреден еден пожарникар, кој вдишал јаглероден монооксид и беше пренесен во болницата во Струмица каде по укажаната помош е пуштен на домашно лекување – рече Гудев кој најостро ги демантираше информациите дека пожарникарите делувале ненавремено.

Градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски кој веднаш беше на местото на несреќата изјави дека за среќа жртви нема, но причинета е голема материјална штета.

– Голема благодарност до нашите пожарникари од Струмица и нивните колеги од Кавадарци, Радовиш, Штип и Валандово, како и за вработените во ЈПКД „Комуналец“, за несебичната пожртвуваност и надчовечките напори коишто ги покажаа во гаснењето на пожарот. Сочувствувам со сопствениците на опожарените објекти за големата претрпена материјална штета. Општина Струмица во рамките на своите можности ќе направи се да им помогне во санирањето на штетите. Во следниот период ќе треба да се прават анализи за причините за пожарот – истакна Јавевски.

Увид од страна на инспектори за пожари се очекува да биде извршен утре. Од тоа што можело да се забележи на местото на пожарот, изгорени се повеќе од десет продавници, внатрешниот дел каде е сместен пазарот и тезгите во најголем дел е изгорен, зафатен е супермаркет во внатрешноста, а пламените јазици зафатиле и делови до третиот кат од трговскиот центар.

Неколкумина сопственици на продавници и тезги само немо посматраа во објектот и не беа расположени да дават изјави.

– Почна на почетокот од првиот дуќан и брзо се прошири. Мојот бутик е целосно изгорен и во него имаше стока од над 20 илјади евра – рече сопственик на бутик.

Струмичани со неверување ја примија веста за несреќата и сочуствуваат со сопствениците на дуќаните и тезгите во „Глобал“. Велат дека половина Струмица егзистира од таму, како и дека трговскиот центар „беше голема гордост на градот Струмица“.

Но, пожарот стана и тема за вербална пресметка на социјалните мрежи, па наместо поддршка за тимовите на струмичката противпожарна служба, како и екипите коишто дојдоа на помош, најчестите коментари беа со навредлива содржина. Ова ги вознемири семејствата на пожарникарите, па реагираа дека сограѓаните не покажуваат ниту минимална почит за луѓето кои ги жртвуваат животите во вакви сериозни пожари.

Можеа да се прочитат и политички препукувања, но и теории на заговор за причините за пожарот со претпоставки на поединци дека пожарот е подметнат, намерно предизвикан поради оштета и слични измислици.

– Пожарникари какви такви други немаме. Луѓето колку можеа со старата опрема и ептен брзо успеја. Помошта што дојде од Радивиш е уште од Јосип Броз Тито т.е од бившата Југославија. Затоа сите пратеници да си продадат мерцедесите и да се купи современа противпозарна опрема и хеликоптер за истата намена. Холандискиот премиер секој ден со точак оди на работа, а нашите парламентарци земаат најмногу од народот и сега би требало и најмногу да помогнат. Фала на Господ што не биде поголема и фала на Пожарникарите – напиша Кристина Стефановиќ.

Препукувањата на социјалните мрежи ги осуди и тазе избраниот претседател на Одборот на директори на „Македонски телеком, Зоран Китанов инаку роден струмичанец.

– Материјалното како така со тек на времето ке се надокнади, но злобата од некој луѓе што синоќа ја видов е непоправлива и за секаква осуда. Благодарност до пожарникарите, полицијата, медицинските лица кој сите заедно се ангажираа цела вечер – напиша Китанов.

(С.Бл.)