Tолку од Пржино: Кому му треба техничка влада кога никој не ја почитува

188

Наметнат како компромисно решение, Пржинскиот договор со секој изборен циклус ја губи смислата за неговото спроведување. Замислена како системско решение за обезбедување фер и независни избори, техничката влада уште од првиот ден се претвори во уште еден мегдан за партиски препукувања и сопки со овластувањата на техничките министри и замениците. За прв пат во оваа пржинска влада, разрешен е технички министер, а министерската фотелја во Министерството за труд и социјална политика ќе остане празна до избори. Опозицијата секојдневно обвинува за блокади на работата и на техничкиот министер за внатрешни работи. Работата на институциите е закочена, а првичната замисла да нема огласи за вработувања во 100-те дена техничка влада не се почитува, која е тогаш идејата да има техничка влада, кога не функционира за тоа што е предвидена, коментираат познавачите, кои се погласно заговараат укинување на пржинската влада после овие избори.

Главна задача на техничката влада е да ги организира изборите. Во текот на нејзиното функционирање не може да има огласи за вработувања, унапредувања, инвестиции…

Поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски смета дека овие парламентарни избори треба да бидат последните избори кои ќе се спроведуваат согласно Пржинскиот договор.

„Речиси и по 30 години од прогласувањето на независноста на државата и по голем број изборни циклуси сè уште не сме во состојба да организираме избори без вклучување и асистирање на странски фактори. И пред овие избори се поставуваат политички прашања кои со себе носат ризик за компромитирање на фер и демократската атмосфера за нивното реализирање. Ова треба да бидат последните избори кои ќе се спроведуваат согласно Пржинскиот договор. За нашата демократска зрелост неопходно е тоа време да го оставиме зад нас, да ја исчистиме институционалната меморија од претходните мрачни политички времиња“, вели Петковски.

Со критика за концептот техничка влада, неодамна излезе и првиот технички премиер Емил Димитриев, кој беше дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во последниот собраниски состав.

„Три месеци е предолг рок. Евидентно е дека прва работа што се случува е конфликтот помеѓу функционерите, блокада на институциите и крајниот негативен ефект го плаќаат граѓаните“, изјави за медиумите Димитриев.

Пржинската влада беше предвидена како преоден концепт единствено за изборите во 2016 година, но пред две години таа се врати како решение во Изборниот законик и во Законот за Владата. Тоа беше условот што го постави ВМРО-ДПМНЕ за деблокирање на процедурите за распишување на референдумот за името.

Техничката влада, што се формираше на 3 јануари, ќе има мандат до одржувањето на предвремените парламентарни избори, односно избраните министри и заменик-министри ќе останат на таа функција до конечното објавување на изборните резултати од страна на Државната изборна комисија.

Инаку, според Законот за влада, техничкиот министер за внатрешни работи може да изврши најмногу 15 разрешувања или распоредувања.

Според истиот закон за влада, предвидено е замениците министри да имаат право на вето само за прашањата поврзани со изборите, а изборен период ќе се смета од денот на распишување на изборите.