СЗО: Европските деца се изложени на ризик од проблематично користење на социјалните мрежи

22

Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека проблематичното користење на социјалните мрежи е во пораст кај децата во Европа и дека постои ризик тие да развијат зависност од онлајн игри.

„Потребна ни е итна и одржлива акција за да им помогнеме на адолесцентите да престанат со потенцијално штетната употреба на социјалните мрежи, за кои се покажа дека доведува до депресија, малтретирање, анксиозност и слаби училишни резултати“, рече директорот на СЗО за Европа, Ханс Клуге.

Во 2022 година, 11 проценти од адолесцентите (13 проценти од девојчињата и 9 проценти од момчињата) имале знаци на проблематично користење на социјалните мрежи, додека четири години претходно имало седум проценти.

Податоците се добиени во истражување кое опфатило 280.000 деца на возраст од 11, 13 и 15 години од 44 земји во Европа, Централна Азија и Канада.

Авторите на извештајот велат дека резултатите „покренуваат загриженост за влијанието на дигиталната технологија врз менталното здравје и благосостојбата на младите во Европа“.

„Проблематичната употреба е најчеста кај 13-годишните, максимум во раната адолесценција и е поверојатно да ја пријават девојчињата отколку момчињата“, рече меѓународниот координатор на студијата, д-р Џо Инчли од Универзитетот во Глазгов.

Таа рече дека истражувањето открило и колку време младите поминуваат на интернет.

„Во текот на целата студија, откривме дека нешто повеќе од една третина од адолесцентите велат дека се во постојан онлајн контакт со пријателите и другите. Тоа значи дека тие се поврзани речиси цел ден“, додаде таа.

Сепак, извештајот не заклучува дека времето поминато на Интернет е секогаш штетно. Тинејџерите кои се чести корисници на социјалните мрежи известуваат за посилна поддршка од врсниците и социјални врски.

За „проблематичното“ малцинство, употребата на социјалните мрежи беше поврзана со симптоми слични на зависност, кои вклучуваат занемарување други активности во корист на трошење време на социјалните медиуми, вклучување во расправии и лажење за тоа колку време поминуваат на интернет, и неможност да се воспостави самоконтрола.

Студијата, исто така, ја нагласува загриженоста за процентот на тинејџери кои се сметаат за изложени на ризик од „проблематично играње видео игри“, што повеќе се однесува на момчињата отколку на девојчињата.

Д-р Ханс Клуге, регионален директор на СЗО за Европа, рече дека резултатите јасно покажуваат дека социјалните медиуми можат да имаат и позитивни и негативни последици за младите луѓе.

Тој рече дека е потребно повеќе образование за дигитална писменост за да им се помогне на младите да развијат здрав пристап до интернет.

„Јасно е дека ни треба итна и одржлива акција за да им помогнеме на адолесцентите да ја избегнат штетната употреба на социјалните медиуми, за која се покажа дека води до депресија, малтретирање, анксиозност и слаби академски перформанси“, рече тој.