Свиркачи ја исвиркаа работата на Меџити, Мицкоски бара докази

Нови обвинувања за работењето на вицепремиерот, премиерот во одбрана

271
Опозицијата и вчера објави информации добиени од свиркачи за незаконско работење на министерот за животна средина Изет Меџити со кои тврдат дека во министерството веќе неколку месеци функционирал систем преку уцени и мито врз фирми и граѓани заради добивање на дозволи и лиценци. Меџити ја има апсолутната доверба од мене, премиерот ѝ порача на опозицијата да му ги достави доказите против неговиот заменик во Владата

 

Уцени и мито преку притисок врз компании и граѓани за добивање на лиценци и еколошки дозволи вршеле министерот за животна средина Изет Меџити и неговиот шеф на кабинет, опозицијата открива нови детали од како што велат скандалот во министерството, кое со Решение за одземање на ингеренциите на Меџити, го потврдува и Државниот управен инспекторат. Опозицијата ги повика истражните органи и Антикорупциската комисија да го расветлат случајот со злоупотреби од страна на вториот човек во Владата. Од Демократската унија за интеграција се повикуваат на доверливи извори во Министерството за животна средина, од Социјалдемократскиот сојуз, пак, велат дека информациите ги добиле преку свиркачи.

-Доверливи извори од Министерството за животна средина потврдуваат дека шефот на кабинетот на Меџити бил клучна фигура во шемата на уцени и мито, вршејќи притисок врз компании и граѓани за секоја административна услуга. Од лиценци и еколошки дозволи до обични бирократски постапки, ништо не поминувало без негово одобрение и без коруптивните шеми водени од кабинетот на Меџити. Истите овие луѓе биле вклучени во слични корупциски шеми и во Општина Чаир, претворајќи ја во урбанистички кошмар за граѓаните, обвинуваат од ДУИ и побараа од истражните органи да го расветлат добро организираниот систем на уцени и корупција во министерството кој траел со месеци.

Меџити имал намера да воспостави апсолутна контрола во министерството со цел да уценува фирми и граѓани, со слични обвинувања на прес-конференција излезе и СДСМ.

-Документите кои до нас ги доставија свиркачи, а кои ги презентираме, покажуваат дека Меџити ги пречекорувал своите законски овластувања, лично потпишувајќи ги сите предмети, без законска основа и без почитување на процедурата за административно постапување. Поради оваа груба злоупотреба, Државниот управен инспекторат со Решение Бр. 11-1653/2024 од 17.1.2025 година официјално ги одзел ингеренциите на Меџити во делот на потпишувањето на административни документи. Со ова решение јасно се потврдува дека незаконските постапки на Меџити биле детектирани и санкционирани, обвинија од СДСМ и јавно го прашаа Христијан Мицкоски: до кога ќе го штити Изет Меџити?

Премиерот, пак, има апсолутна доверба во неговиот заменик во Владата, на новинарско прашање по вчерашната прес-конференција за реконструкција на болницата „8 Септември“, како ги коментира обвинувањата на опозицијата за работењето на Меџити, премиерот ја повика ДУИ да му ги достави сите документи со кои располагаат во врска со наводна корупција на министерот за животна средина.

– Јас со потпретседателот на Владата имам непосредно исклучиво блиска соработка и имам целосна доверба во неговото работење. Апсолутно ги повикувам сите оние кои поседуваат какви било докази за тоа на кои се повикуваат оние од ДУИ да дојдат и да ги донесат. Го имаат мојот број, сите го знаат, денес-утре да дојдат и ако сум на седница ќе ја напуштам за да ги видам тие докази и да ги предадеме на соодветните органи кои треба да постапуваат. Во спротивно ги предупредувам оние од ДУИ дека продолжуваат да сеат пердуви, да занимаваат со магла, магла којашто е оптоварена со зборот корупција, која беше нивно второ име во минатото, во кое што главен атрибут беше трговскиот центар Соравија, „ролс ројс“ автомобилите на сватовите, деловните простории на неговиот потпретседател… Ги разбирам дека тоа е во нивната потсвест, но јас имам доверба во работењето на Меџити – рече Мицкоски.

Информацијата дека министерот Меџити ги изгубил ингеренциите за потпис со решение од инспекторатот, ја демантираа од Министерството за јавна администрација. Решението го објаснуваат како редовен инспекциски надзор во Управата за животна средина спроведен согласно Годишниот план за работа во 2024 година.

-Се однесува на почитување на законските процедури и нема никаква поврзаност со обвинувањата на опозицијата, соопштија од министерството за јавна администрација. (П.А.)

Антикорупциска укажува, вработувањата во администрацијата не смеат да бидат политички договор

По најавите на вицепремиерот во Владата, Изет Меџити, за нови две до три илјади вработувања во јавната администрација од албанска етничка припадност, антикорупциската комисија укажува дека вработувањата не смеат да бидат предмет на договор на политички структури и мора да бидат во согласност со закон.
-Секоја изјава за „договорни“ партиски вработувања во јавната администрација ја нарушува довербата на граѓаните во јавните институции и генерира ризици од корупција во постапките за вработувања, соопштуваат антикорупционерите и додаваат дека веќе направиле антикорупциска проверка на предложените закони за вработувања во јавниот сектор, а на предлагачот му укажале на можни ризици од корупција кои истите ги генерираат.

 

ИЗДВОЕНИ