Светско, а наше, по 45 пат – Скопје се гордее со својот “Ромски бал 2025“

244

Целиот настан се одвиваше без трошка пауза, сите беа постојано како на штрек, а штрекот се однесуваше речиси најмногу поради настапот на пејачката Теа Таировиќ, една од најпопуларните на балканската естрада.      Кога излезе на сцената присутните скоро како попарени рипнаа да ја видат и слушаат. А и самата Таировиќ не само што фанатстично изгледаше, туку направи фантастична забава.

(Дуле Миќиќ)

Традиционално во скопскиот гламурозен хотел „Александар палас“ гламурозно се одржа по 45 пат „Ромски бал“ еден од највеселите настани во годината на територијата на Македонија. Пред хотелот беа паркирани еден куп најскапи и ултрамодерни лимузини или автомобили. Како и да ги наречете, умот можеше да ви се замути. А, тие што не го сакаат зборот гламурозно, грешат. Бидејќи се што видовме со наши очи, а нема што како новинари не видовме, нам ни остави таков впечаток. Гламур, пуштен на најсилно! Целата свита која беше поканета од познати и непознати, до седмата новинарска сила имаа полни раце работа, не само да се забавуваат со прекрасна народна музика и одлични пејачи, туку се промовираше и ромската култура, традициите на Ромите како еден ретко питом народ од овие простори.          Со се нивната важна улога во нашето општество. На едно место во Скопје таа јануарска ноќ се собраа гости од сите страни на светот, и тоа не само од поранешната Југославија, туку Роми и од европските земји, но и од далечна Америка.

И годинава водителка на балот беше атрактивната Лила Стојановска. Таа за балот се облече во проѕирен фустан во комбинација со зелени сандали и фризура “зализана“ со гел – па, изгледаше одлично.

Едни од најубаво облечените беа и Ана Бајрам, сопругата на Габриела Бајрам, а ја видовме во црн фустан со проѕирен плашт, златна ташна и црн вистински дамски шешир. Додека Валентина Бајрам сестрата на Габриел, остави без здив во долгата светкава тоалета made in – Bianka sposa. Инфлуенсерката Агнеса Органџиева за балот одбра долг тесен маслинест фустан истакнувајќи го еротскиот-гол стомак.

Но и мажите треба да ги пофалиме за стајлинот. Пред се модниот дизајнер од Тетово Златко Јовановски кој од главата до петиците беше во панталони и сако со леопардов принт. Неговиот колега од Битола, Муамед Маликовски привлече внимание во елегантен црн костум со “златни“ детаљи на едно рамо дополнето со долги “златни“ ракавици.

Целиот настан се одвиваше без трошка пауза, сите беа постојано како на штрек, а штрекот речиси се однесуваше поради настапот на пејачката Теа Таировиќ, моментално една од најпопуларните на балканската естрада. Кога излезе на сцената сите скоро како попарени рипнаа да ја видат и слушаат.

А и самата Таировиќ не само што фанатстично изгледаше (а, обезбедувана од многубројни телохранители), туку таа направи фантастична забава. Си го оправда хонорарот! И ете така, со песната, со смеата и со дружењето помина целата ноќ, се до зори.

Присутните уживаа во се, од вкусната храна, до секако убавата народна музика, за која задолжен беше и легендарниот пејач Мухарем Сербезовски. Тој за оваа прилика дојде од Сараево. Од нашите и фолкерот Ѓоко Јовиќ со својот бенд остави добар впечаток.

За самиот крај, како јаготка на шлагот, беа одбрани и најубавите Ромки. Круната на главата за Мис Ромка 2025 ја понесе згодната Мелита Амедовска која дојде од Италија, а нејзините придружнички се: Азбије од Словенија и Админа од Србија. Се на се, Скопје може да биде гордо бидејќи го има ваков бал кој сигурно го посакуваат и метрополи од типот на Париз, Милано, Мадрид или Виена….ама, Скопје и Македонија не си го даваат Ромскиот бал, љубоморно го чуваат. Балот е веќе и со право на светската мапа на забавно-културните настани.

Дуле Миќиќ

 

 

 

ИЗДВОЕНИ