Светската трговска организација (СТО) значително ја намали прогнозата за глобалната трговија со стоки, предвидувајќи пад од 0,2 отсто оваа година поради негативните ефекти од американските царини.
Таа прогноза претставува остар пресврт од претходно проектираниот раст од 3,0 проценти, додека организацијата предупредува дека трговијата може да го доживее најголемиот пад од 2020 година, кога светот беше погоден од пандемијата на коронавирус.
СТО соопшти дека новата проценка се заснова на тековните трговски мерки, вклучително и високите царини наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп за челик, автомобили и производи од Кина.
Според проценките, трговијата со стоки меѓу САД и Кина би можела да падне за 81 отсто, а без исклучоци за одредени производи, падот би можел да достигне и до 91 проценти.
Иако трговијата со услуги не е директно засегната од тарифите, СТО предвидува дека падот на трговијата со стоки може негативно да влијае на секторите како што се транспортот, логистиката и туризмот.
Трговијата со комерцијални услуги се очекува да порасне за четири отсто оваа година, под претходните проценки.